Connect with us

Хроника

Голем пожар на „Рампа“ во Кисела Вода, еден пожарникар повреден

Се запали магацин или друг простор на Јужен Булевар, во Општина Кисела вода, во Скопје.

На терен се екипи на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје кои почнаа со гаснење на пожарот, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.

-Од запалениот објект се слушаа пукотници, најверојатно од електрична енергија. Црниот чад се гледа од далеку – информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов. 

ДПЛ:

Пожарот кој пред неполн час избувна во објект кај „Рампа“, благодарение на брзата, храбра и професионална интервенција на Противпожарната бригада на Град Скопје, во рекордно време е ставен под контрола и локализиран, објави на Фејсбук скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. 

Со тоа, додаде градначалникот, беше спречено негово проширување кон околните објекти и избегната е поголема трагедија

-Фала Му на Бога, жртви нема. За жал, еден пожарникар е повреден при интервенцијата и веднаш е пренесен на клиника. Му посакувам брзо закрепнување и изразувам огромна благодарност за неговата пожртвуваност – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека ова е уште еден доказ колку е важна Противпожарната бригада и колку секојдневно пожарникарите го ризикуваат сопствениот живот за да ги заштитат граѓаните.

-Токму затоа, нашите заложби за модернизација на Бригадата, нова опрема, подобри услови и поголема безбедност за пожарникарите се наша обврска. Длабок поклон до сите пожарникари за брзата реакција, професионалноста, храброста и посветеноста. Скопје денес виде што значи пожртвуваност на дело – истакна скопскиот градоначалник. 

Ad
Ad