Хроника
Пожар во угостителски објект во Велес
Во угостителски објект на улицата „Никола Карев“ бр. 33 во Велес, синоќа околу 22 часот избувнал пожар, кој, според првичните информации, започнал во кујната и предизвикал материјална штета.
Од Секторот за внатрешни работи Велес информираат дека се опожарени предмети, инвентар, електрична инсталација и дел од фасадата на објектот. Пожарот бил изгаснат од екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес, а увид на местото извршила увидна екипа на СВР Велес.
Од ТППЕ Велес соопштија дека дојавата за пожарот во кафаната „Шкорпион“ била примена во 22:10 часот, по што на терен веднаш биле испратени две противпожарни возила и шест пожарникари.
По пристигнувањето било констатирано дека гори кујнскиот дел од објектот. Благодарение на брзата и навремена интервенција, пожарникарите успеале да спречат експлозија на плинска боца која се наоѓала во кујната, со што била избегната можноста за многу поголема материјална штета и сериозни последици.
Причините за избувнувањето на пожарот ќе бидат утврдени по завршување на истрагата.
јуни 30, 2026

