Свет
Венс: „Вотергејт“ денес би бил вест од 12 часа
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс оцени дека скандалот „Вотергејт“, кој доведе до оставка на претседателот Ричард Никсон, денес би бил само „вест од 12 часа“ во современата медиумска средина.
Говорејќи во Претседателската библиотека на Ричард Никсон во Јорба Линда, Венс рече дека наследството на Никсон „доживува мала ренесанса“ и го спореди неговото искуство со она на актуелниот претседател Доналд Трамп.
– Ако Вотергејт се случеше утре, тоа би била вест од 12 часа. Идејата дека би се урнало претседателство е луда – рече Венс, пренесува Ен-би-си њуз.
Тој додаде дека „длабоката држава“ го урнала Никсон и дека тоа не е многу поразлично од она што „истите групи луѓе и институции“ се обиделе да му го направат на Трамп за време на неговиот прв мандат.
Венс посочи и на, како што рече, одредени сличности меѓу него и Никсон.
– Млад сенатор, потпретседател, автор на бестселери, омразен од медиумите. Малку звучи како Џеј Ди Венс. Отсекогаш ми се допаѓал Ричард Никсон – изјави Венс.
Потпретседателот настапи во рамките на промоцијата на својата нова книга „Communion“, на настан на кој зборуваше и за својата вера и за политичките ставови.
Никсон, 37. претседател на САД, поднесе оставка во 1974 година за време на својот втор мандат поради аферата Вотергејт. Вотергејтската афера е политички скандал во САД од 1972 – 1973 што настанал со откривањето на уреди за прислушување во изборниот штаб на соперничката Демократска партија во комплексот Вотергејт во Вашингтон. Прислушувањето го организирале приврзаниците на Републиканската партија со знаење на најодговорните луѓе во партијата. Откривањето на тој случај доведе до оставка (што е единствен случај) на претседателот на САД, републиканецот Ричард Никсон на 9 август
јуни 27, 2026

