Технологија
„Нетфликс“ ја претстави новата „забегана“ видеоигра
„Нетфликс“ ја претстави и најави видеоиграта „Unhinged“ (во превод – „Забегано“), нова игра од тимот зад „Оксенфри“ (Oxenfree), во којашто се јавуваат познати глумци и одлични нови доживувања, за искуството да биде што е можно поимпресивно.
Во видеоиграта, Зои Кравиц ја глуми Ејва, која е заробена во нејзината зграда додека ураган беснее низ областа. Но, таа не е сама… Сејди Синк, позната по ТВ-серијата „Почудни нешта“ (Stranger Things), ја игра пријателката на Ејва – Клер, која живее преку улицата од неа. Клер може да види во куќата на Ејва и да понуди насоки преку телефон, за главниот лик да се спаси. Трој Бејкер, добро познат лик од видеоигрите, исто така, има своја улога. Најавите на „Нетфликс“ навестуваат дека ова ќе биде солидно, релативно компактно искуство.
„Сè што ви треба е сметка на ‘Нетфликс’, Вашиот телефон и исто онолку време колку што би Ви било потребно за да гледате епизода од Вашата омилена серија“, се вели во описот.
Играта има стандарден режим, каде што задачата е да пронајдете одреден предмет во собата пред да истече времето… Во спротивно, Ејва умира и играчот се враќа ниво наназад.
Можеби најинтересното нешто во врска со „Unhinged“ е она што „Најт скул“ (Night School) – првото студио за видеоигри што го купи „Нетфликс“, го прави со контролерот за паметни телефони. Имено, во играта, рацете на Ејва ги отсликуваат движењата на гејмерот со телефонот, така што, како што тој се поместува, така и Вашиот виртуелен лик се насочува. „Unhinged“, исто така, ќе ги прима повиците и пораките што Ејва ги прима – на Вашиот телефон, којшто ќе ѕвони и ќе вибрира… Тоа, според познавачите и обожавателите, е многу поинтересно отколку да се користи телефонот само како контролер чувствителен на допир.
Сепак, може да Ви треба телевизор и стабилна интернет-врска. „Unhinged“ ќе биде достапен на „Нетфликс“ почнувајќи од 30 јуни.
јуни 25, 2026

