Connect with us

Скопје

Општина Илинден: Успешно започна новата учебна година

Со радост, ентузијазам и голема посветеност започна новата учебна година во сите основни училишта на територија на Општина Илинден, како и во средното општинско стручно училиште „Илинден“. Училиштата ги отворија своите врати за над 1900 ученици. Меѓу нив, оваа година, во училишните клупи за првпат седнаа над 150 првачиња. Додека пак 74 ученици се запишаа во прва година во СОСУ „Илинден“.

По повод почетокот на новата учебна година во општинските основни училишта „Гоце Делчев“, „Ристо Крле“ и „Браќа Миладиновци“ беа организирани свечени приредби. Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, ги посети учениците на првиот училишен ден и на сите првачиња им подели училишни ранци со прибор. Тој им посака успешен и среќен почеток во образовниот процес и многу незаборавни моменти во училишните клупи.

За време на летниот распуст, во училиштата на територија на општината беа реализирани бројни активности со цел подобрување на условите за воспитно-образовниот процес, како за учениците, така и за наставниот кадар. Извршена е редовна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просториите. Запазени се стандардните мерки за противпожарна безбедност. Училниците се опремени со потребните столчиња, клупи и смарт табли. Реновирани се санитарните јазли и варосани се просториите каде што постоеше потреба. Исто така, за учениците со попреченост достапни се пристапни рампи, прилагодени тоалети, а во СОСУ „Илинден“ достапен е и лифт-дизало за полесен пристап до сите простории.

Со сите овие вложувања, Општина Илинден ја докажува својата посветеност кон подобрување и унапредување на образовните услови за сите ученици, што претставува гаранција за успешен образовен процес и среќни училишни денови.