Вести
Пратениците на седницата по повод 8 Март: Институциите да си ја работат работата, а Собранието има еднаква одговорност
На седницата во Собранието по повод 8 Март Меѓународниот ден на жената – „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“, пратениците се осврнаа и упатија остри пораки институциите да не дозволат да се случуваат повеќе фемициди и да реагираат по пријави на семејно насилство. Собранието нема право да молчи повеќе и Собранието има еднаква одговорност, беа дел од пораките упатени од пратеничките.

На седницата говореше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а беа присутни и дел од дипломатскиот кор во земјава. Претседателката нагласи дека е страшно што секој 8 Март да броиме нови жртви, и запраша како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали.
Претседателот на Собранието Африм Гаши посочи дека овој ден е потсетник на долгото патување на жените кон нивната заслужена улога во општеството, на тивките жртви, на извојуваните битки, и на оние што се уште чекаат да бидат добиени.
-Сепак, долго време, нивниот придонес се земал здраво за готово, а нивниот потенцијал бил ограничуван од различни бариери, понекогаш видливи и сурови, а понекогаш невидливи и подмолни. И секогаш кога говориме за жеите, речиси стана клише, најчесто употребуваниот поим на оваа тема да биде родовата еднаквост, што подразбира дека жените и мажите треба да бидат еднакви во правата и одговорностите, рече Гаши.
Затоа, јас мислам дека нашата задача е да одиме подалеку од тоа.
-Една жена, која во семејството е мајка и сопруга, која ја гарантира не само демографијата, туку и етиката и естетиката на елементарната клетка на општеството, како и колективната меморија на заедницата, а во општеството е лекарка, министерка, па дури и претседателка, претставува праг што, не само што треба да се почитува и да се восхитува, туку и цел кон која сите треба да се стремиме, рече Гаши.

Тој истакна дека не сака да зборува само за правата на жените, туку да размислиме и за квалитетот на нашата демократија.
-Да зборуваме за правдата како вредност и за застапеноста како темел на институционалниот легитимитет. Со оглед на тоа што правичната родова застапеност е стандард на функционална демократија или, поточно, мерка за нашата институционална и морална зрелост, денес мора искрено да се запрашаме: каде сме и дали правиме доволно во овој поглед? За да видиме каде сме, неопходно е да започнам со еден елемент што можеби изгледа симболично, но во суштина е доказ дека нашето општество се развива. Поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, додека зборуваше за револуциите, еднаш рече: „Каква револуција би било да имаме жена претседател“, рече Гаши.
Република Северна Македонија, нагласи Гаши, има жена претседател и ова е порака до секое девојче и жена во оваа земја дека врвот на државата не е недостижен за нив.
-За нас, оваа „револуција“ сега е институционална реалност. Но, реалноста носи и одговорност. Ова бара од нас да го трансформираме присуството на жените на високи позиции во одржливо влијание и култура на правда на секое ниво на донесување одлуки. Нашето Собранието направи значајни чекори во заштитата и унапредувањето на статусот на жените, во нивната еманципација и застапеност. Правната рамка континуирано се подобрува и збогатува со закони, стратегии и резолуции во оваа насока. Гласот на жените е несомнено поприсутен. Но, дали тоа е доволно?, запраша Гаши.
Тој посочи дека за жал, додека зборуваме за „револуцијата“ на жена претседател и за институционалниот напредок, една друга реалност продолжува да нè предизвикува. Семејното насилство, економските нееднаквости, дискриминацијата на пазарот на трудот и културните предрасуди сè уште се реалност. Тоа се општествени рани што не се лекуваат само со закон или со застапеност. Ова бара многу понапредно ангажирање, заклучи Гаши.

Пратеничката Моника Зајкова прочита неколку наслови од медиумите поврзани со смрт и претепување на жени и запраша дали сите треба да умреме за да проработат институциите, за да тие да сфатат дека молкот навистина убива.
-Пријави за семејно насилство, а од другата страна на институциите – молк. Додека ние овде во Собранието говориме за стратегии, достигнувања и родова еднаквост на хартија, жените ни умираат во реалноста. Собранието нема право да молчи повеќе. Собранието има еднаква одговорност, рече Зајкова.
Законот за електронска нараквица за следење на сторителите на насилство беше еднаш отфрлен во оваа собраниска сала, без дебата, но оттогаш броиме само имиња на жртви. Устите ни се полни со поддршка за жените, но поддршката беше отсутна кога требаше да обезбедиме конкретен механизам за заштита и превенција.
Таа запраша каде е парламентарниот надзор на институциите што молчеле.
-Колку жени уби системот со своето молчење? Колку пријави останале и уште колку се наоѓаат некаде во фиоките? И ова не се семејни работи, како што сакаат да кажат некои во општеството, туку е државна одговорност. 8 Март повеќе не ден за цвеќе, туку ден за вистината, а вистината е дека државата потфрли, заклучи Зајкова.

Пратеникот Фатмир Битиќи рече дека оваа седница се случува по три дена од трагедијата што ја потресе нашата татковина и сите не исполни со горчина.
-Ужас, во кој поради непрекината низа од институционални слабости згаснаа два животи мајка и малолетна ќерка. И ако некој мисли дека тоа е изолиран случај, треба да се сетиме на Росица од Велес, на мојата ќерка, на која некој и го наруши мирот претурајќи во нејзината соба. Минатата година на Росица и заврши животот исто така крваво.
Ако не прекинеме да се движиме по оваа патека, поплочена со изострена алчност, корумпирана себичност, тогаш и солзите ќе пресушат. Не затоа што болката ќе исчезне, туку затоа што ќе останеме без луѓе кои веруваат дека овде вреди да се остане. И токму затоа треба да имаме храброст да го именуваме злото.
Кога жена е убиена поради родово-базирано насилство тоа е фемицид. И ако не умееме да го препознаеме, спречиме и санкционираме, тогаш понорот што го држиме отворен не е случајност, туку последица на нашата вредносна пустина.

Според Битиќи, ние функционираме како држава алфа мажјак, арбитрарна и репресивна, исполнета со политички елити кои својата одговорност ја врзуваат за дискриминацијата и понижувањето, Во таква држава жената мора постојано да докажува да биде слушната, почитувана и заштитена.
Пратеничката Дијана Тоска истакна дека иако се донесени закони и изградени механизми за промоција на родовата еднаквост, нашата одговорност како законодавци не завршува со донесување на законите, таа започнува со нивната целосна и ефективна примена.
-За жал, денес овој ден го одбележуваме со тага, болка и голем гнев. Така и јас го чувствувам овој ден. Реалноста со која денес се соочуваат некои жени и девојки, е болна. Семејното и родовото насилство продолжува да биде горчлива реалност. Пред неколку дена тежок настан во Скопје, не потресе сите. Една мајка, изморена од систематското насилство, и без надеж за заштита, донесе трагична одлука, и згасна заедно со својата малолетна ќерка, рече Тоска.

Овој настан, додаде таа, е крик на болка што ги претставува многуте жени во Северна Македонија, кои станале жртви на фемицид.
-Секоја убиена жена, секој згаснат живот од насилство, е неуспех на нашето општество , за да ги заштити најрајнливите. Зад секоја статистика стои име, сон и уништено семејство, кажа Тоска.
Пратеничката Јована Мојсоска посочи дека зад празничните честитки стои сурова реалност на институционална негрижа кон жртвите на семејно насилство и длабоко нефункционален систем кој со години не успева да ги заштити најранливите.
-Кога сторителите на семејно насилство имаат богата историја на кривични пријави и само условни пресуди, кога на МВР им требаат 45 дена да го известат Центарот за социјална работа, кога во центрите нема проценка на ризик, а Обвинителството со месеци не постапува – тогаш тоа веќе не е пропуст, туку свесно изграден погрешен систем кој чини човечки животи рече Мојсоска.
Таа нагласи дека се додека се штитат оние кои биле должни да постапат, а не постапиле, сѐ додека персоналната одговорност се крие зад бирократско префрлање на вина, и сѐ додека институциите се третираат како биро за вработување на партиски кадри наместо на професионалци – ова ќе остане систем кој убива.
-Јас прочитав еден статус на жртва на семејно насилство која сведочи за нејзиното искуство пред 25 години како не ја заштитиле институциите и каде поразително може да се констатира дека ништо суштинско не е променето до ден денес. Поради ваквата нефункционалност на државата, жртвата тогаш заминува да работи во Ирак, држава која иако тогаш беше една од најнебездните држави, но за оваа жена била многу побезбедна од оваа држава која никако не ја заштитила, рече таа.

И затоа овој 8 Март, заклучи Мојсоска, можам да им го честитам само на сите оние жени кои имаат храброст да останат тука, кои имаат храброст да живеат тука и кои имаат храбрсот да создаваат потомство тука – во држава каде никој не ја гарантира нивната безбедност и живот е во поголема опасност дури и од земји кои се во војна.
Пратеникот Љупчо Пренџов рече дека денес зборуваме за принципи, обврски и за вредности.
-8 Март не е само празник, тој е потсетник на една децениска борба на жените за достоинство, за глас и за рамноправност. Борба која започнала со храброст, отпорност и барање за правда. Затоа, кога денес зборуваме за почит, за можности и еднаквост, мора да зборуваме искрено и одговорно и да се служиме со аргументи, рече Пренџов.
март 6, 2026

