Connect with us

Општини

Мицкоски во работна посета на Кавадарци, извршен увид во реализација на неколку проекти

Реконструкција на градски базен, реконструиран интернатот за средношколци, изградба на спортска сала во село Марена, готова велосипедско – пешачка патека од Марена до соседното Глишиќ. Увид во реализацијата на овие проекти, денеска изврши премиерот Христијан Мицкоски.

-Навистина има прилично голема динамика на реализација на капиталните проекти овде во Општина Кавадарци. Ја користам оваа прилика да му честитам на градоначалникот, на советниците, на пратениците, на колегите во Владата коишто даваат се од себе за да обезбедиме некој денар плус за да може да се инвестира во општините и да покажеме разлика, тоа што во минатото се крадеше, сега се гради, истакна претседателот на Владата, во присуство на министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Тој нагласи дека во оваа насока ќе се продолжи и во иднина.

  • Општина Кавадарци во првите два повици доби околу седум милиони евра, нешто што претставува значаен драјвер и во локалната економија, но и го подобрува квалитетот на живот на самите жители на Кавадарци. Овој базен, градски којшто многу скоро од денес ќе биде пуштен во функција јас мислам ќе биде исклучително убаво место за кавадарчани да се дружат, да поминуваат дел од летните денови тука. И мислам дека ако се оди според динамиката, веќе следната година ќе го имаме во целосна функција, нагласи премиерот.

Тој се заблагодари на градоначалникот, на советниците, на пратениците, на колегите во Владата, на министерката за образование, на сите они, како што рече, коишто навистина вложуваат атом повеќе енергија за да граѓаните добијат поквалитетен живот.

Градоначалникот Митко Јанчев појасни дека изградбата на спортска сала во село Марена, со корисна површина од 400 квадратни метри која ќе биде во склоп на подрачното општинско училиште ,,Страшо Пинџур’’, е нов модорен простор кој располага со соблекувални, тоалети и просторија за наставниците. Вистинска инвестиција во младите и спортот и во руралните средини, инвестиција на Општина Кавадарци во висина од 22.000.000 денари.

Тој се осврна и на велосипедско-пешачка патека Глишиќ – Марена.

  • По повеќе од 20 години, за сите љубители на пешачењето и велосипедизмот, конечно е изградена нова велосипедско-пешачка патека Глишиќ – Марена! Патеката е долга 854 метри и нуди безбедно и убаво место за рекреација. Инвестицијата од 10.000.000 денари е реализирана од Општина Кавадарци, сподели тој.

Јанчев потсети дека ученички Дом „Крсте Петков Мисирков’“ во 2023 година со одлука на совет е под надлежност на Општина Кавадарци.

-Самиот ученички дом располага со сопствена зграда од П+2 601 квадратен метар приземје, подрум, 1 кат од 438 квадратни метри и дополнителен трет кат од 430 квадратни метри и подкровје како четврти кат од 249 квадратни метри.
Долгот на ученичкиот дом по преземањето под надлежност на општината беше 5.000.000 денари. Располага со вкупна површина и зелен простор од 4519,22 квадратни метри. Изминатиот период овој ученички дом имаше целосна реконструкција која опфаќаше комплетно реновирање на собите, тоалетите, кујна, ходници, фитнес простории и влезни партии, целосно надворешно осветлување. Вкупниот капацитет за сместување на ученици е 100 легла и најчесто ученици кои што се сместени се од Берово, Пехчево, Гевгелија, Дојран, Богданци. Со оваа реконструкција општината има вложено околу 10.000.000 денари, информираше градоначалникот.

Тој појасни дека со комплетна реконструкција на Градски базен Кавадарци, се предвидува, нивото да се намали со комплетно нови плочки, нов пумпен систем за вода и филтри. На дел од големиот базен ќе се постават и топогани, а другиот дел ќе си остане рекреативен. Во малиот детски базен ќе се постават детски реквизити за водните лудории за децата, а во партерот ќе има и детско игралиште на гумена подлога. Комплетно ново реновирање на тоалети, соблекувални, тушеви, партер околу целиот базен, соба за доктор, влезни партии, нови кровови на постоечките шанкови, лежалки и се што е дополнително потребно за да Градскиот базен функционира како забавен воден парк и за младите и за повозрасните. Инвестиција во висина од 48.000.000,00 денари, од Владата.