Вести
Во 2026, на бриселската маса „членство од втор ред“ за новите можни членки и потенцијално „ограничување на ветото“ за кластерите, но не и за затворање на преговорите
По руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година се доби впечаток дека земјите членки на Европската Унија го променија својот став кон проширувањето, бидејќи се сметаше дека перспективата за членство на државите кандидати за прием претставува стратешки потег за да се избегне геополитички вакуум во соседството на блокот и да се создаде одбранбен штит на ЕУ од влијанието на Русија.
Ваквиот нов моментумот за проширување, навидум не само што го забрза пристапувањето на Грузија, Молдавија и Украина кон ЕУ, туку донесе и нов живот во застојаниот пристапен процес на земјите од Западниот Балкан. Тоа ја роди идејата за прием на нови членки во ЕУ до 2030 година, што прв ја промовираше претходниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел уште во август 2023 година. Од тогаш тоа стана мантра на ЕУ и му даде поттик на проширувањето.
Но, во услови на војната што сè уште трае во Украина, интензивираната руски хибридни закани и новите политички ветришта од Вашингтон, декларираната посветеност на проширување набрзо ги покажа своите пукнатини.
Според бриселскиот тинк-тенк Бројхел, политиката на проширување на ЕУ сè повеќе станува заложник на домашните политички случувања во некои земји од ЕУ, што може да доведе до блокади на процесот на проширување, имајќи ја предвид потребата од консензус при носењето одлука за премин во секоја следна фаза.
Имено, постојат над 150 точки во текот на пристапните преговори кога една земја членка на ЕУ може да го употреби правото на вето за блокирање на држава кандидат за членство.
– Четири потенцијални членки на ЕУ, особено станаа жртви на ветото. Северна Македонија речиси 15 години беше блокирана од Грција, која бараше промена на името на земјата. Оваа пречка беше отстранета со Преспанскиот договор од 2018 година, но во 2020 година Бугарија го иницира прашањето за наводните бугарски корени на македонскиот народ и јазик, барајќи измени во Уставот. Северна Македонија е оценета како подготвена да го започне процесот на усогласување со правната рамка на ЕУ, но Бугарија ги блокира преговорите, наведува Бројхел.

Во меѓувреме, Унгарија го одложува стартот на преговорите со Украина за прашања поврзани со положбата на унгарското малцинство во земјата. Дополнителна контроверзи во однос на кандидатурата на Украина е што станува збор за држава која сè уште е во војна. Молдавија, која неформално е во пакет со Украина во процесот на проширување, стана колатерална жртва на унгарското вето.
На ударот на ветото е и Косово, кое сè уште не може да добие формален статус на кандидат за членство во ЕУ, бидејќи пет земји членки – Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија, не ја признаа неговата независност.
Во вакви услови, само на две од 10-те кандидатки или потенцијални кандидатки за членство – Црна Гора и Албанија, барем засега, им се даваат изгледи за пристапување во ЕУ во следните години.
Покрај веќе четирите споменати жртви на блокади од страна на земји членки, напредокот на останатите земји е успорен поради домашни политички проблеми. Така, Грузија по демократското насадување во последната година и одлуката на Тбилиси за еднострано замрзнување на пристапниот процес, се смета само како „земја кандидат на хартија“. Пристапниот процес на Турција е замрзнат поради демократско назадување и непочитување на принципите на владеење на правото и човековите права. Босна и Херцеговина е парализирана од политичката криза и неможноста да ги исполни условите за пристапување во ЕУ. Србија, пак, која исто така се соочува со политичка криза, но и масовни протести, дополнително мора да постигне напредок во дијалогот за нормализација на односите со Косово, како услов за напредок на европскиот пат.
Идеи за забрзување на проширувањето
За да се забрза проширувањето на ЕУ во оптек се две идеи, по кои се очекува да се дебатира во текот на 2026 година како можни опции за дополнително поттикнување на пристапниот процес и остварување на амбицијата за ново големо проширување на Унијата до 2030 година.

Првата идеја, неофицијално наречена „ограничување на ветото“ и за која веќе подолго време се говори во кулоарите на ЕУ, јавно ја промовираше претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Според оваа идеја, одлуките за започнување и завршување на фазите од преговори би се носеле со квалификувано мнозинство, односно најверојатно со поддршка од најмалку 55 отсто од земји членки (во моментов тоа е 15) во кои живеат најмалку 65 проценти од населението на ЕУ.
Кога станува збор за старт и затворење на преговорите и натаму би била потребна одлука донесена со консензус од страна на сите земји членки.
Ваквиот предлог се смета за „разумен компромис“, бидејќи на земјите членки и натаму би им се оставила можност за вето и блокирање на пристапот на некоја од кандидатите за членство, но би се овозможило забрзување на преговарачкиот процес и побрзо завршување на преговорите.
Но, во однос на овој предлог постојат толкувања дека тој не е во согласеност со Договорот за функционирање на ЕУ. Имено, според овие тврдења клаузулите во Договорот не овозможуваат носење на одлуки со квалификувано мнозинство за проширувањето, па за усвојување на ваквиот предлог би било потребно претходно менување на овој документ.
Тоа пак претставува дополнителен проблем, бидејќи покрај што е потребен консензус меѓу сите членки, во некои земји националните законодавства предвидуваат за измени на договорите на ЕУ нивните граѓани да мора да се изјаснат на референдум.

Од друга страна, постојат образложувања дека во самиот Договор има опции да се најде законска основа за промена на начинот на одлучување за проширувањето.
Втората идеја, која многумина ја сметаат за контроверзна и ја нарекуваат „членство од втор ред“, предвидува ограничени права при гласањето на новите земји членки. Според овој предлог, новопримените земји во ЕУ не би имале право да ставаат вето, како што имаат „старите членки“.
Целта на ваквиот предлог е да се ублажи загриженоста на некои актуелни земјите од ЕУ, кои се скептични кон проширувањето, стравувајќи од пристапување на нови членки кои би го засилиле постојното „блокирачко малцинство“ во Унијата.
Во прифаќањето на ваквата идеја албанскиот премиер Еди Рама отиде и чекор понатаму. Оценувајќи дека станува збор за „добра идеја“, Рама порача дека во замена за членство, Албанија дури би се откажала и од правото на еврокомесар или на европратеници за одреден временски период.
Но, ваквиот предлог не дава никакви гаранции дека ќе ги намали случаите во кои актуелните членки го злоупотребуваат своето право на вето. Од друга страна, тоа би создало „членство во две класи“, кое би можело да трае долго време, ако не и засекогаш, а воедно би било и неправедно бидејќи идните членки би биле казнети за гревовите на актуелните.

Проширување базирано на заслуги
Меѓу институциите на ЕУ преовладува ставот дека проширувањето е стратешки важно за безбедноста, стабилноста и економската благосостојба и на сегашните и на идните членки на Унијата, но дека приемот на нови земји во блокот мора да се базира на заслуги и не може да зависи од домашните политички случувања во актуелните членки.
Некои земји од ЕУ стравуваат дека пристапувањето на нови членки би било голем трошок и ризик од „прелевање на нестабилност или корупција во Унијата“. Некои од нив сметаат дека проширена ЕУ со меѓу 30 и 35 земји би била нефункционална и би можело да доведе до целосно блокирање на одлучувањето, поради принципот на консензус.
Оттаму се проценува дека зачленувањето само на оние кандидати кои се максимално подготвени за членство и целосно ги исполнуваат поставените критериуми, би ги разоружало скептиците кон пристапниот процес и би и купило време на ЕУ за спроведување на внатрешни реформи и подготовка за прием на нови членки.
Кога станува збор, пак, за внатрешните реформи на ЕУ меѓу сегашните членки постојан различни идеи и ставови за нивно спроведување. Историски гледано, проширувањето и внатрешните реформи напредувале рака под рака, но актуелната геополитика ја соочува ЕУ со предизвикот да балансира меѓу итноста од проширувањето и принципот на одржлива интеграција заснована на заслуги.
Сенка врз напорите за проширување во 2026 година може да фрлат изборните календари на двете најголеми земји во ЕУ – Франција и Германија. На Франција и претстојат претседателски избори во пролетта 2027, а во Германија се предвидени избори во неколку покраини. И за двете земји карактеристичен е подемот на екстремно десничарските партии, кои во принцип не се наклонети кон проширувањето, тврдејќи дека тоа носи економски проблеми и институционално преоптоварување, како и опасност од прилив на нови доселеници.

Со приемот на нови членки се наметнува и прашањето за прераспределба на буџетските средства. Скептиците стравуваат дека пристапувањето на поголема група нови членки ќе изврши сериозен притисок врз буџетот на ЕУ, бидејќи ќе бидат потребни средства за поддршка на економската конвергенција и земјоделските субвенции. ЕУ ќе мора да направи некои буџетски приспособувања, но се проценува дека финансиското влијание од проширувањето би било „фискално управливо“.
Постепена интеграција
Соочена со ќор-сокакот во пристапниот процес на некои земји кандидати, Европската комисија го промовира моделот на „постепена интеграција“ како начин за одржување на моментумот на проширување. Овој пристап, воведен со ревизијата на методологијата за проширување на ЕУ од 2020 година, им овозможува на кандидатите постепено да се вклучат во програмите и политиките на ЕУ, додека спроведуваат реформи и ги усогласуваат своите закони со законодавството на Унијата.
Во тој правец дури и инструментите, како Планот за раст на Западниот Балкан, Планот за Молдавија или Украинскиот механизам, нудат некои бенефиции од членството во ЕУ, уште пред полноправниот прием. Тоа се однесува на пристапот до заедничкиот европски пазар, укинувањето на роамингот или вклучувањето во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).
Но, овој прагматичен привремен чекор ризикува да ги заглави кандидатите во одредена неизвесност, особено поради обидите идејата за „постепена интеграција“ да се толкува како замена за полноправно членство. Затоа, наместо ова се бара полноправно членство на земјите кандидати да биде „ѕвезда водилка“ и ЕУ мора да го обнови консензусот околу своите обврски за проширувањето и да најде законски начини да го направи процесот побрз и попредвидлив.

Според оценките на тинк-тенкот Европски совет за надворешни работи (ЕЦФР), неуспехот на ЕУ да артикулира јасен и навремен план за проширувањето, ризикува многу повеќе од процедурално одложување на самиот процес.
– Тоа би можело да ги разруши самите столбови на безбедноста, просперитетот и демократијата на Европа, како и кредибилитетот на ЕУ како глобална сила. Без јасна стратегија, ЕУ би можела да ја изгуби довербата и ентузијазмот на своите најпосветени партнери, еродирајќи го нивниот реформски напор и западна ориентација. Неактивноста би создала стратешки вакуум што надворешните сили се подготвени да го пополнат. Русија, Кина, Турција и земјите од Персискиот Залив веќе го шират своето влијание низ регионот, смета ЕЦФР.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека 2025 година била „многу успешна“ кога станува збор за проширувањето и очекува 2026 да биде „подобра година“, потенцирајќи дека ќе биде потребна акција во следните 12 месеци за да се обезбеди прием на нови земји според планираното.
Ваквиот оптимизам за „подобра 2026 година“ таа го базира на ставот дека проширувањето е и геополитичко прашање, но и на „вистинскиот ангажман на некои од земјите кандидати“ во пристапниот процес.
Кос изјави дека Црна Гора би можела да биде подготвена да стане 28-ма земја членка на ЕУ до 2028 година, Албанија 29-та во 2029-та, а Украина и Молдавија би можеле да ги завршат пристапните преговори до 2028 година и да пристапат кон Унијата до 2030 година. Што се однесува до нас, останува заклучокот дека Европскиот совет ја потврдува својата подготвеност, без понатамошни одложувања или дополнителна политичка одлука, да ја свика втората меѓувладина конференција за старт на пристапните преговори по кластери, откако земјата ќе ги спроведе уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот на што се обврза Владата на Зоран Заев.
До крајот на 2026 година ЕУ сè уште нема да биде поголема, но Кос смета дека ќе биде поблиску до тоа.
јануари 2, 2026

