Connect with us

Култура

Мастерклас на Терзиќ и Трифуновиќ на Киненова: Раскажувајте приказни и никогаш не се откажувајте од своите идеи

Раскажувајте приказни и никогаш и по никоја цена не се откажувајте од своите идеи“ – порачаа режисерот Мирослав Терзиќ и актерот и продуцент Бранислав Трифуновиќ на денешниот мастерклас во рамки на 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова.

Мастеркласот се одржа во просториите на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“, каде што двајцата филмски автори со студентите ги споделија своите искуства од работата на филм, предизвиците во продукцијата и важноста да се следат сопствените идеи.

Нивниот филм „Три дена потоа“ синоќа беше прикажан на свеченото отворање на фестивалот, а Терзиќ го прогласи фестивалот за отворен.

– Многу е убаво кога ваш филм отвора еден многу значаен фестивал. Кога ќе дојдам во Македонија секогаш се чувствувам добредојден, особено во Скопје. Бев овде пред десеттина години и можам да речам дека градот доста се променил, рече Терзиќ.

На мастеркласот, тој нагласи дека не станува збор за откривање посебни тајни, туку за споделување искуства и поттикнување на младите автори да ја следат сопствената креативност.

– Постои само страст. Имав среќа во животот да го пронајдам и да го работам тоа што сакам да го правам и тоа е голема среќа. Не се обидувам ништо да ве научам, само ќе се обидам да ви пренесам некои мои искуства, па доколку вие успеете нешто да „украдете“ од тоа, јас ќе бидам презадоволен, истакна Терзиќ.

Тој им порача на студентите да ги препознаваат идеите што ги поттикнуваат однатре и да не се откажуваат од нив.

– Би им порачал да раскажуваат приказни и никогаш и по никоја цена да не се откажуваат од своите идеи. Можеби најточно е да речам дека кога нешто ќе ве зачеша, вие ќе се почешате. Токму тоа би им го порачал на студентите. Да знаете кога нешто ве тера, внатре во вас тлее, обидете се тоа да го следите, рече Терзиќ.

Актерот и продуцент Бранислав Трифуновиќ, кој допатува во Скопје за премиерата на филмот, зборуваше за долгогодишниот процес на неговото создавање.

– Овој филм го работевме 10 години, почнувајќи од првата идеја, па сè до премиерата на фестивалот во Карлови Вари. Сега веќе чувствуваме едно олеснување бидејќи знаеме што сме сработиле и што тоа можеме да го споделиме со публиката. Среќен сум што публиката на Киненова го погледна филмот по Карлови Вари и ќе ви одговорам на сите прашања што ќе ми ги поставите, рече Трифуновиќ.

Осврнувајќи се на своето искуство како актер кој се вклучил и во продуцентската работа, тој ги поттикна студентите одблизу да го запознаат процесот на филмска продукција.

– За да сфатите што значи продукција, би ве поттикнал да направите барем еден краток филм од три минути и да се обидете некако да разберете, да немате како мене мислење дека продуцентите се само таму некои луѓе кои земаат пари и не им плаќаат на актерите. Морате да се обидете да го сфатите тоа – порача Трифуновиќ.

Мастеркласот на Киненова им овозможи на студентите да слушнат искуства од филмската практика и да се запознаат со предизвиците на создавањето филм, од првичната идеја до реализацијата и средбата со публиката.

Ad
Ad