Connect with us

Општини

Над 160 здравствени работници минаа обуки за препознавање и спречување корупција

Дури 84 отсто од здравствените работници сметаат дека корупцијата е делумно или многу распространета во секторот во кој работат, но само седум отсто од оние кои имале сознанија за корупција го пријавиле случајот, покажува истражувањето на Здружението ЕСЕ спроведено на крајот на 2025 година.

Најголем дел од здравствените работници се свесни за присуството на коруптивните практики, но само мал дел од нив реагираат или ги пријавуваат случаите, покажало истражувањето. 

Со цел зајакнување на капацитетите за препознавање и спречување на корупцијата во здравството, повеќе од 160 здравствени работници и соработници од целата држава учествуваа на регионални обуки организирани во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“. Обуките се одржаа во осум градови и опфатија доктори, медицински сестри, акушерки, психолози, социјални работници и административен персонал.

– Верувам дека за оваа тема треба да се зборува многу повеќе, со цел да се подигне свеста, да се зајакне меѓусебната доверба и здравствените работници сè похрабро да ги препознаваат и пријавуваат сомнежите за корупција. Притоа, од особена важност е да постои ефикасен систем кој ќе ги заштити пријавувачите, ќе обезбеди секоја пријава да биде темелно, независно и правично испитана, и кога ќе се потврдат неправилностите, ќе овозможи преземање соодветни мерки за да се спречи повторување на ваквите случаи – смета д-р Нина Близнаковска Стојковиќ, матичен лекар од Куманово.

Од ЕСЕ велат дека преку практична работа учесниците ги зајакнале знаењата за препознавање на корупциски ризици, механизмите за пријавување и професионалниот интегритет во здравствените установи. Проектот се реализира со поддршка на Expertise France преку Agence française de développement и е насочен кон намалување на корупцијата во здравството преку едукација, подигање на јавната свест и унапредување на политиките во секторот.

Ad
Ad