Свет
Демис Хасабис: Светот наскоро би можел да се соочи со сериозни кибер напади, ВИ хакирањата се „рано предупредување“
Неодамнешните хакерски напади извршени со помош на агенти за вештачка интелигенција означуваат „ рано предупредување“ дека светот би можел да се соочи со посериозни инциденти во наредните години доколку не се подобри безбедноста на системот, изјави денеска ко-основачот и претседател на Гугл дипмајнд, Демис Хасабис.
На самитот за вештачка интелигенција во Даблин, Хасабис рече дека во областа на вештачката интелигенција треба да се усвојат безбедносни практики како оние што се применуваат во области како што се биологијата и нуклеарната енергија, особено кога станува збор за заштита на критичните системи.
Според него, потребно е да се формира меѓународно тело што би развило безбедносни стандарди и систем за сертификација на системи со вештачка интелигенција, со барања прилагодени на нивните ризици и доволно флексибилни за да го следат развојот на технологијата.
„Мислам дека овие (инциденти со хакирање) се еден вид предупредување за нас дека системите сe уште не се толку моќни, па затоа и инцидентите не се толку сериозни“, изјави Хасабис – кој е и главен научник во „Алфабет“ (Alphabet), матичната компанија на „Гугл“ – на самитот за вештачка интелигенција во Даблин.
„Но, тие би можеле да станат (сериозни) во текот на следната година и во годините што следат, доколку не вложиме повеќе напори како индустрија, како поединечни компании и како влади, за да ја обезбедиме сигурноста на tие системи.“
Претседателот на „Мајкрософт“, Бред Смит, на конференцијата истакна дека непредвидливото однесување на вештачката интелигенција ја прави 2026 година „година за трезвено размислување“ и дека итно се потребни нови закони и правила за безбедност на вештачката интелигенција, за да може безбедносните мерки да го следат чекорот со иновациите.
„Ниту една компанија или технологија не смее да биде над законот. Но, потребни ни се закони, потребна ни е регулатива. Таа мора да биде разумна, избалансирана и да ги зема предвид иновациите“, рече тој.
„Овој отпор кон регулативата што го покажуваат некои во индустријата е, искрено кажано, нешто што треба да го надминеме.“
Хасабис посочи дека, иако формирањето меѓународен орган за стандарди се чини како очигледно решение, тој би морал да биде флексибилен и прилагодлив за да не ги задуши иновациите.


