Connect with us

Култура

Денови на македонска култура во Будимпешта со гастрономија, музика и изложба на скулптури

Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 продолжуваат со есенски циклус настани од 23 до 26 октомври, во чии рамки унгарската публика ќе има можност да се запознае со македонската гастрономија, музичката традиција и ликовната уметност, информира Лекторатот по македонски јазик, при Институт за словенска и балтичка филологија на Универзитет ЕЛТЕ во Будимпешта.

Програмата почнува на 23 и 24 октомври со Деновите на македонска гастрономија во ресторанот „Yugo Resto-Bar“ во Будимпешта. Гостин-готвач ќе биде Слаѓан Стевковски од Македонија, кој ќе подготвува традиционални македонски специјалитети.

На 24 октомври, со почеток во 19:30 часот, на бродот-сцена „A38“ ќе настапи групата „Скопје Виа“, предводена од актерката и пејачка Јана Стојановска и виртуозот на хармоника Мишел Трајковски. Групата ги спојува балканскиот мелос, ромската музичка традиција и современиот џипси џез.

Вечерта ќе ја отвори унгарското дуо „Narun“, составено од Гашпар Торпе и Бенце Бабчан, кое унгарските и балканските народни мотиви ги претставува на современ, интимен и медитативен начин.

Есенскиот циклус ќе заврши на 26 октомври, во 19 часот, во културниот центар „Balkan Heritage“ во Будимпешта, со отворање изложба на скулптури од македонскиот скулптор Никола Смилков. Изложбата ќе ја отвори унгарската писателка Оршоја Карафиат.

Деновите на македонска култура во Будимпешта почнаа во мај и јуни со изложбата „Синило“ на Јелена Белиќ и издавањето на музичкиот албум „Македонија“ на групата „Будапесме“.

Манифестацијата ќе заврши во ноември со гостувањето на Елена Ѓорѓиовска, лекторка по македонски јазик во Букурешт. Таа ќе одржи предавање и ќе ја промовира поетската антологија „Мојата песна се фрла од мост“. Во програмата ќе учествуваат и студентите од Лекторатот по македонски јазик, кои ќе изведат музичко-поетски перформанс.

Организаторот Златко Панзов изразува задоволство од интересот на унгарската публика за манифестацијата, посочувајќи дека тој не се намалил од 2019 година до денес.

Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 ги организираат Лекторатот по македонски јазик при Институтот за словенска и балтичка филологија на Универзитетот ЕЛТЕ, Здружението на Унгарци на Македонија „Теледом“ и културниот центар „Balkan Heritage“ од Будимпешта. Манифестацијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.

Ad
Ad