Регион
Радев: Треба да престане агресијата врз цивилните бродови во Црното Море
Оваа неприфатлива агресија врз цивилни бродови во Црното Море мора да престане, изјави денеска бугарскиот премиерот Румен Радев по неговото пристигнување во Брисел, каде ќе учествува на дводневниот состанок на Европскиот совет.
Тој наведе дека ќе разговара со романскиот претседател Никушор Дан за заедничка иницијатива, во која би била вклучена и Турција, како земја-членка на НАТО, за воспоставување на Црното Море како море во кое не се вршат напади врз комерцијални и цивилни бродови.
– Ќе вложам максимални напори, очекувам солидарност од сите европски колеги да го прифатат мораториумот што го предлагаме, да ги запреме нападите врз цивилни бродови, истакна Радев.
Според него, се очекува Европскиот совет во заклучоците од состанокот да усвои повик за запирање на нападите врз цивилни бродови.
Радев посочи и дека сè уште е непознато од каде биле истрелани дроновите врз бродовите во ексклузивната бугарска економска зона во Црното Море.
Тој истакна дека има и идеја за формирање на команда на НАТО за Црното Море, а се разгледуваат две варијанти, штабот да биде стациониран или да се ротира командата секоја година во Бугарија, Романија и Турција.
Претходно, Координативниот центар на Романската поморска администрација денеска презеде итна операција за спасување по избувнувањето пожар на брод во Црното Море. Бродот „Вајд трејдер“, што плови под знамето на Сан Марино, испратил сигнал за помош дека осум лица се исчезнати по избувнувањето пожар. Бродот се наоѓа на 13 наутички милји југоисточно од Сулина.
Сè уште е непознато дали бродот бил погоден од дрон, но борбени авиони синоќа полетале поради група беспилотни летала, што биле забележани во областа на Сулина и на украинскиот Змиски Остров, што се наоѓа во близина на романскиот брег.
Синоќа избувна пожар и на брод закотвен во романските територијални води, во близина на украинската граница. Сè уште не е познато дали пожарот бил предизвикан од напад со беспилотно летало. Бродот е упатен кон романското пристаниште Констанца во Црното Море, каде што е планирана истрага за причината за пожарот.
Пред девет дена турски трговски брод што превезувал жито беше погоден од беспилотно летало и потона во близина на романскиот град Сфнту Георге на Црното Море, при што загинаа двајца членови на екипажот.
Нападите со беспилотни летала врз трговски бродови во Црното Море сè се почести. Изминатите денови неколку бродови беа погодени и во економската зона на соседна Бугарија во Црното Море.
октомври 16, 2026


