Политика
Митева: ВМРО-ДПМНЕ покажа дека жените можат да бидат на позиции каде што се носат одлуките
Марија Митева, претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување, синоќа на телевизија Стар во ,,Што мисли“, се осврна на застапеноста на жените во политиката и нивното учество во носењето одлуки.
,,Оваа дебата не се води само кај нас во Македонија, можеме на најразлични настани коишто ги имаме и со нашите европски партнери и со сестринските партии и со организацијата на жени на Европската народна партија да слушнеме дека, се уште ја има оваа дебата дали жените се доволно прво присутни, дали имаат поголемо учество во политиката, но на крајот и дали се на масата каде што се носат одлуките“, рече Митева.
Митева истакна дека Македонија е земја која ги почитува квотите и како што кажа, затоа има висок процент на застапеност на жени пратенички во Собранието.
,,Тоа не значи дека сме горди што се уште стојат квотите. Имаме можеби чекори и чекори кои што може да ги направиме и јас секогаш велам дека ние ќе завршиме со оваа тема кога нема да се разговара дали некоја функција му припаѓа на маж или на жена и дека ќе зборуваме за позицијата, за некој којшто е посветен на истата знае како да ја сработи, чесно работи итн“, вели таа.
Според неа, состојбите се менуваат, а зборуваше и конкретно за ВМРО-ДПМНЕ.
,,Ние бевме првата партија, којашто поддржа жена кандидат за претседател на Македонија и истата и денеска е наша претседателка. Ние направивме еден огромен исчекор, отворивме врата којашто долги години била затворена за жените. Континуирано гледаме во рамки на сопствената политичка партија, колку имаат поддршка жените и ние во рамки на самата внатрепартиска дебата се уште разменуваме мислења, но можам со сигурност да кажам дека се чувствува онаа промена, која што пред се е во храброста да се приклучат, но и да бидат на позиции каде што ги носат одлуките“, истакна Митева.
октомври 15, 2026


