Connect with us

Вести

Андоновски: До 31 декември е рокот за усогласување на веб-страниците и апликациите со стандардите за пристапност

Постојните веб-страници и мобилни апликации на институциите од јавниот сектор треба да се усогласат со стандардите за дигитална пристапност до 31 декември годинава во согласност со Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации – истакна денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Обраќајќи се на настанот по повод Меѓународниот ден на белиот стап во Собранието, Андоновски нагласи дека пристапната средина не се однесува само на физичкиот простор, туку и на дигиталните услуги преку кои граѓаните добиваат информации, поднесуваат барања и пристапуваат до услугите на институциите.

– За слепите и за лицата со оштетен вид, пристапната електронска услуга може да значи самостојно читање информации, пополнување образец или добивање документ. Тоа значи заштедено време, помала потреба од туѓа помош и поголема приватност при користењето на личните податоци – рече Андоновски.

Тој потсети дека Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор беше донесен во Собранието минатата година, со примена од 1 јули 2026 година, со што домашната регулатива првпат се усогласува со Европската директива 2016/2102.

Законот предвидува веб-страниците и мобилните апликации да овозможуваат користење со тастатура, гласовна контрола и асистивни уреди, а нивните функции да бидат јасни и предвидливи и содржините соодветно обработливи од асистивните технологии. Предвидени се и пристапни алтернативи, меѓу кои текстуални описи на слики, аудиоописи, наслови, транскрипти и алтернативни формати. Граѓаните имаат право да побараат пристапна алтернатива, а институцијата е должна да одговори во рок од 15 работни дена, со обезбедување алтернатива или соодветно образложение.

– Институциите имаат обврска да објавуваат изјава за пристапност и да овозможуваат пријавување проблеми. Ова е значаен чекор, а неговата вредност треба да се чувствува при секое користење на јавните услуги. Затоа нашата работа продолжува преку следење на примената, поддршка на институциите и соработка со корисниците – нагласи министерот.

Андоновски истакна дека во подготовката на законското решение учествувале здруженија на лицата со попреченост, претставници на институциите и академската заедница преку работни состаноци, јавни дебати, консултации и јавна расправа во Собранието.

Тој оцени дека соработката со организациите на лицата со попреченост треба да продолжи и при развојот и тестирањето на дигиталните услуги бидејќи нивното искуство е неопходно за да се утврди дали одредено решение навистина функционира и каде се потребни подобрувања.

– Како министер за дигитална трансформација сметам дека успехот на дигитализацијата треба да го мериме преку можноста секој граѓанин самостојно да ја заврши својата обврска. Нашата цел е технологијата да отвора повеќе можности за образование, работа и учество во општеството, а не да затвора врати – рече Андоновски.

Тој порача дека дигиталните услуги треба да овозможуваат поголема самостојност и да ја направат комуникацијата со институциите полесна и попристапна за сите граѓани.

Ad
Ad