Connect with us

Економија

Андоновски: Компаниите мора да вложуваат во дигитализацијата, тоа не е трошок, туку инвестиција

Македонските компании користат дигитални алатки, но недоволно ја користат вештачката интелигенција во рамките на процесите на развој. Оние што нема да вложуваат во дигитална трансформација и обука на својот кадар, не ќе може да напредуваат и да бидат конкурентни. Голем дел од нив за 10-ина години не би постоел.

На денешната конференција посветена на градењето силни македонски брендови, развојот на компаниите и нивниот настап на меѓународните пазари, што ја организира Унијата на младите претприемачи на Македонија Phoenix Rising („Феникс рајзинг“), со поддршка на Шведско-македонската стопанска комора, беше посочено дека компаниите мора да ги следат трендовите и да ја применуваат вештачката интелигенција доколку сакаат да бидат конкурентни на меѓународните пазари. 

– Она што покажуваат податоците е дека македонските компании имаат и користат дигитални алатки, но, за жал, не доволно користат вештачка интелигенција во рамките на процесите на развој и истовремено недоволно ги користат платформите за електронска трговија за да ги промовираат своите производи, прво, во државата, а потоа да станат конкурентни со истите стандарди и во странство – вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Компаниите, според Андоновски, мора да вложуваат во дигитализацијата и таа не треба да се сфаќа како трошок, туку како инвестиција.

– Оние компании што нема да вложуваат во дигиталната трансформација, во напредна употреба на вештачката интелигенција и обука на својот кадар, ќе бидат компании што ќе нема да може да напредуваат, да растат и да се развиваат. Голем дел од нив за 10 години од денеска нема да постои – смета министерот Андоновски. 

Прашан дали државата планира да воведе мотивациски системи кон банките бидејќи некои од малите компании се жалат дека имаат проблем дигитално да завршат банкарски работи, министерот со одговор дека банките се едни од најголемите корисници на платформите за интероперабилност.

– Искуството ни се разликува во поглед на соработката со банкарскиот сектор и небанкарските институции, но можам да кажам дека тие се едни од најголемите корисници на платформите за интероперабилност и споделуваат информации, секако има потреба на дополнителен развој и потреба на напредок и кај нив. Очекувам дека со промоцијата и на мобилната апликација „М.услуги“ ќе ги мотивираме банките дополнително да развиваат софтвери за прифаќање електронска лична карта и претпоставувам дека тоа ќе влијае, односно ќе има ефекти и кон компаниите – рече Андоновски.

„Солопром“ е една од компаниите што веќе ја користат вештачката интелигенција во одредени сегменти од работењето.

Сопственикот на „Солопром“, Робин Зимбаков, вели дека веќе се користи во маркетинг-секторот, дизајнирањето на маркетинг-материјали, социјалните мрежи, како и во процесот на прием на нарачки од клиенти и припрема на тие материјали, но во делот на производство процесот оди малку потешко. 

– Во производството оди побавно бидејќи се работи за процес што кај нас е малку покомплициран. Се работи на најсовремени машини што се автоматизирани, компјутерски управувани. Интеграцијата на обични фајлови, кои вештачката интелигенција ќе ги припреми со заштитени софтвери и фајлови на кои работат машините, не оди толку едноставно затоа што има заштитни бариери од страна на компаниите на чии софтвери работат машините, сето тоа е еден посложен систем. Тука веќе бара повторно човечко, human touch – вели Зимбаков.

Ad
Ad