Регион
Државната помош за новородено дете во Хрватска ќе се зголеми на 803 евра
Хрватската Влада планира да ја зголеми еднократната финансиска поддршка за новородено дете од 618 на 803 евра од 1 јануари 2027 година, а предлогот за измена на законот што би овозможило идни зголемувања наскоро ќе биде доставен во постапка, изјави денеска министерот за демографија и имиграција Иван Шипиќ, јави Хина.
За спроведување на мерката на годишно ниво се обезбедени речиси 28 милиони евра, изјави Шипиќ по седницата на Владата.
Според предлогот за измена на Законот за мајчински и родителски додатоци, во декември оваа година Владата ќе го утврди износот на поддршката за следната година со цел да се примени новиот износ од 1 јануари 2027 година. Планирано е еднократната поддршка да се зголеми од сегашните 618 на 803 евра, односно од 140 на 182 проценти од буџетската основа.
„Демографијата нема алтернатива за хрватската Влада, тоа е капитално прашање и Владата ќе најде средства за тоа“, нагласи Шипиќ.
Хрватскиот министер истакна дека целта е дополнително да се зајакне финансиската сигурност на семејството во периодот по раѓањето на детето, кога се појавуваат значителни почетни трошоци за опрема и други потреби.
октомври 14, 2026


