Свет
Истражување: Популацијата на диви птици во Велика Британија бележи значителен пад
Според податоците од организациите за заштита на природата подготвени за Британската влада, популацијата на диви птици во Велика Британија бележи значителен пад. Во период од 1970 до 2025 година, просечната популација на 132 домашни видови се намалила за 19 отсто. Најголем пад е забележан кај птиците што живеат на земјоделските површини и кај морските птици.
– Продолжувањето на овој тренд може сериозно да го загрози биодиверзитетот и да го промени изгледот на руралните средини, изјавија експертите за „Гардијан“.
Според раководителот на мониторингот во Кралското друштво за заштита на птиците (РСПБ), Ричард Грегори, резултатите од истражувањето се шокантни.
– Птиците се показател за начинот на кој се однесуваме кон природата, руралните подрачја и светот што нè опкружува. Ги губиме птиците за кои луѓето се емотивно врзани и кои сакаат да ги заштитат, изјавил Грегори.
Тука спаѓаат грлиците чиј број во последните години се намалил за повеќе од половина. Меѓу видовите се и врабците, тетребите и шумскиот свиркач чија популација драстично се намалила од 2019 до 2024 година. Бројот на чиопите се намалил за околу 25 отсто во последните пет години, односно за речиси шест отсто годишно на државно ниво.
Слична стапка на паѓање е забележана и кај батокљунот, чија бројност се намалува за 11 отсто годишно. Од 132 автохтони видови опфатени во истражувањето, кај 45 отсто е забележано намалување на бројноста во последните пет години, додека зголемување е регистрирано само кај 27 отсто од видовите.
Најпогодени се морските птици со намалување за повеќе од една петтина во последните пет години, додека пак популацијата на птиците што живеат на земјоделските површини е намалена за 63 отсто од 1970 година, за од 2020 година да достигне дополнителен пад од 12 отсто.
Според Британското Министерство за животна средина, храна и рурални прашања (Дефра) долгорочниот пад се должи на промените во земјоделството во 50-те години на минатиот век, меѓу кои се напуштањето на мешовитите земјоделски стопанства кои комбинираат растително производство и сточарство, зголемената употреба на пестициди и вештачки ѓубрива, како и отстранувањето на живите огради.
октомври 14, 2026


