Свет
Забраната за носење хиџаб во Азербејџан предизвика протести и остри реакции во турските медиуми
Забраната за носење хиџаб за ученичките во Азербејџан, воведена со владина одлука во септември, предизвика бран протести пред дипломатските претставништва на земјата во Анкара и Истанбул, како и остри реакции во турските медиуми и политички кругови.
Пред амбасадата во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул граѓани протестираа против забраната за носење шамија со која се покрива главата на муслиманките, носејќи пароли со мотото: „Хиџабот е Божја заповед и не смее да биде забранет!“, објави информативниот портал „Хаберлер“.
Медиумот наведува дека демонстрантите во Анкара побарале да не се ограничува правото на образование на ученичките што носат шамии. Во Истанбул, пред Генералниот конзулат на Азербејџан, биле засилени безбедносните мерки, а влезот во зградата бил блокиран со полициски возила. На паралелните протести учесниците истакнаа дека носењето шамија е религиозна потреба и повикаа на прекин на ограничувачката практика на азербејџанската влада.
Турските медиуми пренесуваат остри реакции од претставници на владејачката Партија на правдата и развојот (ПСР). Главниот советник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Октај Сарал, порача дека одземањето на правото на образование на ученичките со шамии во Азербејџан е неприфатливо. – Не можете да оставите ученик пред вратата на училиштето поради неговата вера – истакна тој.
Порталот „Хабер 7“ го цитира и пратеникот од ПСР, Муфит Ајдин, кој оцени дека правото на образование не смее да биде жртвувано во име на идеолошки императиви и повика на разумен пристап од азербејџанските власти.
Познатиот конзервативен весник „Акит“ исто така посвети значително внимание на темата, оценувајќи дека „овој филм веќе сме го гледале“. Весникот потсети на 28 февруари 1997 година – датум од особено значење во турската историја, кога владата на тогашниот премиер Неџметин Ербакан донесе слична одлука со која на наставничките и ученичките со шамии им беше забранет пристапот до училиштата.
„Братскиот Азербејџан, кој со години беше подложен на угнетувањето на комунизмот, сега минува низ тежок период под маската на секуларизмот“, пишува весникот, нагласувајќи дека 95 проценти од населението во земјата е муслиманско.
октомври 14, 2026


