Connect with us

Култура

Филмскиот и телевизиски проект за Тоше Проески ќе се снима во 2027 година, премиерата најавена за 2028

Снимањето на филмскиот и телевизиски проект посветен на Тоше Проески, во продукција на „ОХО Продукција“, е планирано за 2027 година, додека премиерата се очекува во 2028 година, се наведува во соопштението од продукцијата по првото јавно претставување на проектот на фестивалот „Weekend.19“ во Ровињ.

Од „Охо Продукција“ додаваат дека точниот почеток на снимањето, актерската екипа и продукцискиот распоред дополнително ќе бидат официјално соопштени.

„Во рамките на панелот „Next Big Thing: Toše Proeski Film“, продуцентот Пеце Талески, авторот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин ја претставија амбицијата за филмски и телевизиски проект што ќе понуди повеќе од реконструкција на познатата биографија. Проектот се развива во три формати, игран филм, играна серија и документарна серија“, се вели во соопштението.

Авторскиот тим, велат, работи на истражување базирано на архивски материјали, разговори со соработници и блиски луѓе на Тоше Проески, со цел приказната да се фокусира врз човекот зад ѕвездата, неговиот личен свет, соништа, дилеми и музички пат.

За време на панелот во Ровињ, авторот Игор Стоименов потсети и на изјавата на Тоше Проески од неговото последно интервју, дадено неколку часа пред трагичната несреќа:

„Во последното интервју, неколку часа пред трагичната смрт, Тоше рекол: ‘И јас би сакал да го знам тој Тоше’. Реченицата отвора прашање што ќе биде важно и за филмот: колку навистина го познаваме човекот за кого сите имаме сопствен спомен“, се нагласува во соопштението.

Ad
Ad