Connect with us

Свет

Француските ученици бараат повеќе средства за образование, на протестите се приклучија и синдикатите

Француските ученици денеска повторно излегоа на национални протести со барање за подобри услови во образованието, при што се затворени околу 200 училишта, а на нивните барања за поголеми буџетски средства и повисоки плати им се приклучија и синдикатите на наставниците, објави весникот „Ле Паризиен“.

Маршеви веќе започнаа во Лион и Нант, додека учениците ги блокираа училиштата во Париз, Рен и Стразбур во рамките на петтиот бран масовна мобилизација. Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика демонстрантите да останат смирени и да ги почитуваат граѓаните и имотот.

Министерот за образование Едуар Жефре за радиото „Франс ентер“ потврди дека се затворени околу 200 образовни установи, оценувајќи дека оваа бројка сепак е помала во споредба со претходната недела. Тој додаде дека преку платформата за консултации со средношколците се примени 86.000 придонеси и дека се ангажираат речиси 1.000 наставници со договори со цел да се зајакнат капацитетите за замена на отсутниот кадар.

Синдикатите на наставниците ФСУ-СНУИПП и СНЕС-ФСУ ги повикаа своите членови масовно да се приклучат на протестите, истакнувајќи дека целосно ги поддржуваат барањата за поквалитетно јавно образование, подобри услови за работа и зголемување на платите. Покрај барањето за зголемување на финансиските средства за образованието, демонстрантите бараат и укинување на контроверзната универзитетска платформа за прием „Паркурсап“.

Во Париз, учениците, родителите и наставниците се собраа во близина на гимназијата „Елен Буше“, а делумно беа блокирани и гимназиите „Турго“ и „Монтењ“. Главниот марш беше најавено да тргне од плоштадот Италија во 14 часот по локално време (12:00 часот по Гринич) со крајна дестинација кон комплексот „Лез Инвалид“.

Поради блокади на кампусите Асас и Вожирар, Универзитетот Париз-Пантеон-Асас ја префрли наставата онлајн. Полициски извори потврдија дека утрово дошло и до судир меѓу две групи пред кампусот Асас, при што еден студент бил повреден.

На протестот пред гимназијата „Пол Елуар“ во Сен Дени, северно од Париз, на учениците им се приклучи и шведската климатска активистка Грета Тунберг, каде што околу 20 адвокати формираа заштитен синџир во тоги околу младите. Во изјава за телевизијата БФМТВ, Тунберг ги осуди полициските сили, оценувајќи дека постапуваат „исклучително насилно“ кон младите кои бараат само основни услови.

„Ова кажува сè за полицијата и за тоа кого навистина штити. Полицијата треба да ги штити младите“, изјави Тунберг.

Според податоците што ги објави „Ле Паризиен“, од почетокот на ова протестно движење досега се приведени повеќе од 6.800 лица, од кои огромното мнозинство се малолетници, додека Националниот полициски инспекторат (ИГПН) веќе отвори 24 истраги за сомневања за полициско насилство.

Ad
Ad