Свет
Авиокомпанијата „Квантас“ откажа лет од Рим поради појава на стеници
По пронајдени стеници на седиштата во економска класа, австралиската авиокомпанија „Квантас“ го откажа летот од Рим, соопшти денеска портпаролот на компанијата.
„Се извинуваме поради вонреднава ситуација. На засегнатите патници ќе им обезбедиме сместување и избор на летови во рок од 48 часа“, изјавија од компанијата за „Гардијан“, нагласувајќи дека кабините редовно се чистат според високи стандарди, како и дека на секои 50 дена се врши дезинфекција.
Според професорката на Универзитетот „Маквори“, Мишел Пауер, бубачките најверојатно влегле преку багажот или облеката на патниците, по што се прошириле низ кабината.
– Стениците често можат да навлезат во куферите доколку има наезда од овие инсекти во хотелите каде што престојуваат патниците. Според мене, не се опасни, но каснувањето може да предизвика чешање и иритација на кожата, објаснила Пауер, нагласувајќи дека нивното уништување може да биде тешко бидејќи можат долго да се кријат во чаршафите и пукнатините, а притоа да преживеат долг период без храна.
Пауер како причина за појава и ширење на инсектите ги навела и финансиските проблеми на луѓето, како и неможноста да ја затоплат водата до 55 степени, температура потребна за нивно уништување.
– Најчест проблем за ширење на инсектите е немање пари за дезинфекција, како и штедење на електрична енергија поради високи месечни сметки, заклучила Пауер.
октомври 13, 2026


