Connect with us

Свет

ЕК ќе го промовира Патоказот за одбранбена подготвеност на ЕУ

Европската комисија денеска официјално ќе го промовира најавениот Патоказот за одбранбена подготвеност, кој треба да постави планови и цели за зајакнување на одбраната и безбедноста на ЕУ. 

Патоказот треба да биде усвоен на денешното заседание на Колеџот на комесари, по што попладнево ќе биде презентиран на прес-конференција од страна на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен и еврокомесарот за одбрана и Вселената Андриус Кубилиус. 

Ова е нова стратегија на ЕК посветена на европската безбедност по Белата книга за одбраната објавена во март годинава и инструментите „Ревооружување на Европа“ (РеАрм) и „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ).  

Според најавите, со Патоказот ќе се промовира реализација на четири приоритетни проекти и тоа „Чувар на источното крило“, „Европски ѕид од дронови“, „Европски воздушен штит“ и „Европски одбранбен вселенски штит“, како и заложбата до 2027 година земјите членки 40 отсто од одбранбените набавки да ги реализираат заеднички. 

Со Патоказот нема да биде промовиран и нов финансиски механизам, туку ќе се предвиди за реализацијата на овие планови да се користат постојните инструменти РеАрм, вреден 800 милијарди евра за периодот до 2030 година, како и САФЕ, за кој се предвидени 150 милијарди евра наменети за позајмици за заеднички набавки за до почетокот на 2028 година. 

По денешната официјална промоција, се предвидува Патоказот да биде разгледуван на Самитот на ЕУ закажан за следниот четврток.  

Се очекува обврските за спроведување на плановите и целите од документот да и биде доверено на Европската агенција за одбрана, чие формирање беше најавено во заклучоци од еден од претходните заседанија на Европскиот совет.  

Агенцијата е замислена како меѓувладино тело на земјите членки на ЕУ, што се оценува како нивна заложба тие да го имаат клучниот збор во реализацијата на големите европски одбранбени проекти, наместо тоа да и се препушти на Комисијата, со што би се зајакнала нејзината улога во одбраната.