Connect with us

Свет

Ал-Шара до Путин: Сирија сака да ги редефинира односите меѓу Москва и Дамаск

Привремениот сириски претседател Ахмад ал-Шара денеска во Москва изјави дека сака да „ги редефинира односите меѓу Дамаск и Москва, за време на неговата прва средба со рускиот претседател Владимир Путин по соборувањето на Башар ал-Асад во декември, а Русија беше еден од главните сојузници“.

„Се обидуваме да ја вратиме и редефинираме новата природа на овие односи за да може Сирија да ужива во својата независност, својот суверенитет, како и во својот територијален интегритет, својата безбедност и стабилност“, рече Ахмад ал-Шара за време на средбата со Путин во Кремљ што беше пренесувана на телевизија.

Сирискиот претседател, исто така, ги истакна „старите историски врски“ и „заедничките интереси“ на двете земји.

Тој го наведе фактот дека дел од снабдувањето со храна на Сиријците зависи од руското производство и дека бројните сириски електрани зависат од руската експертиза.

Рускиот претседател Владимир Путин го прими својот гостин во Кремљ. Ги поздрави „длабоките врски што ги обединуваат Русија и Сирија“ и изрази надеж за проширување на тие врски.

Состанокот ја истакнува желбата на Русија да воспостави функционални врски со новото сириско раководство и да обезбеди воена база во земјата, наведуваат американските медиуми.

„Во текот на сите овие децении, секогаш сме биле водени само од едно нешто: интересите на сирискиот народ. Навистина имаме многу длабоки врски со сирискиот народ“, рече Путин.

Асад беше сојузник на Русија, а интервенцијата на Русија за да го поткрепи пред една деценија го смени текот на сириската војна, држејќи го Асад на власт до неговото брзо соборување во декември 2024 година.

Русија, која се фокусираше на борбите во Украина и задржа само мал воен контингент во Сирија, не се обиде да се спротивстави на бунтовничката офанзива, но му даде азил на Асад кога тој избега од земјата.

Службеник на сириската Влада, кој не сакаше да биде именуван, денеска за француските медиуми изјави дека за време на оваа прва средба со Путин, сирискиот претседател ќе побара од Москва да го предаде соборениот лидер Башар ал-Асад, кој е во руската престолнина.

За време на посетата, сирискиот претседател треба да разговара и за прашања поврзани со инвестициите, што ќе се случи со руските бази во Сирија и вооружувањето на сириската армија, изјави истиот владин извор.

Поморската база во Тартус и воздухопловната база Хмејмим, кои се наоѓаат на медитеранскиот брег на Сирија, се единствените официјални руски воени пунктови надвор од поранешниот Советски Сојуз.

Москва ги користеше тие бази во голема мера за време на интервенцијата во сириската граѓанска војна во 2015 година, кога го поддржа Башар ал-Асад и ги бомбардираше областите под контрола на бунтовниците, пишуваат француските медиуми.

Иако беа на спротивставени страни за време на граѓанската војна, новите владетели во Дамаск имаа прагматичен пристап во односите со Москва.