Connect with us

Култура

Промоција на монографија за маестро Кире Костов

Монографијата „Летај Галебе“ посветена на еден од најзначајните македонски композитори, аранжери и диригенти, маестро Кире Костов вечер ќе биде промовирана во кафе „Литература“ во Дајмонд Мол.

Автори на монографијата се Снежана Анастасова Чадиковска – македонска пијанистка, пијано педагог, музички публицист и организатор и Марко Коловски – музиколог, публицист, новинар и општественик. Визуелниот идентитет го креираше Методија Ачевски, а изданието е реализирано во печатницата „Бранко Гапо“.

Монографијата „Кире Костов“ ги осветлува животниот пат и грандиозното дело на маестро Костов – низ фотографии, сведоштва и архивски материјали што сведочат за неговиот влог во македонската култура.

Промотор на делото ќе биде проф. д-р Александар Трајковски – музички теоретичар, истражувач, педагог и публицист, а модератор на промоцијата ќе биде Живкица Каленикова. На настанот ќе зборува и Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на Кире Костов, која е иницијатор на проектот.

– Монографијата ја создадовме со многу љубов и почит. Кире беше човек што целосно ѝ се предаваше на музиката и на луѓето околу него. Со оваа книга сакавме да му возвратиме со иста љубов – да покажеме колку ни недостига, но и колку многу ни остави. Секој ред, секоја фотографија и секое сведоштво носат дел од неговата енергија, која и понатаму нè инспирира. – изјави Костова.

Промоцијата на монографијата е и најава за претстојниот гала-концерт „Летај Галебе“, што ќе се одржи на 11 ноември во Националната опера и балет, во режија на Дејан Пројковски. Концертот, како што е најавено, ќе обедини голем број македонски музичари и соработници на Кире Костов, кои со изведби во живо ќе му оддадат почит на неговото дело.