Свет
Европратениците поддржаа поедноставување на постапката за суспензија на безвизниот режим

Европскиот парламент денеска со 518 гласови „за“, 96 „против“ и 24 „воздржани“ ги поддржа измените на Механизмот на ЕУ за суспензија на визите, со кои се поедноставува постапката за укинување на безвизниот режим за патување во Унијата за државјани на земји што претставуваат безбедносен ризик или ги кршат човековите права.
Со Механизмот на ЕУ за суспензија на визите се опфатени 61 земја, меѓу кои и Северна Македонија, чии државјани можат да патуваат во земјите од Шенген зоната без виза за престој до 90 дена.
Измените на Механизмот ќе и овозможат Европската комисија одново да воведе визен режим за одредена земја поради безбедносни причини, како закани по внатрешната безбедност, вклучувајќи и зголемување на сериозните кривични дела извршени од државјани на засегнатата земја, како и значителен раст на бројот на барања за азил или на прекршувања на правилата за престој од страна на нејзини граѓани.
Покрај постојните причини за суспензија на визниот режим, со измените се воведуваат и нови основи, како хибридни закани, инструментализација на мигранти, постоење шеми за издавање на државјанства на инвеститори кои би можеле да предизвикуваат безбедносни проблеми, неусогласеност со визната политика на ЕУ, прекршување на човековите права или хуманитарното право, како и непочитување на одлуки на меѓународните судови.
Дополнително, на ЕУ и се дава можност за суспензија на безвизниот режим за владини службеници или лица одговорни за кршење на човековите права или за други прекршувања од страна на властите.
Одлуката за суспензија на визниот режим прво е привремена, но доколку во одреден рок не се надминат причините за нејзини воведување, таа може да стане трајна.
Сега преостанува измените на Механизмот за суспензија на визите да бидат одобрени и од Советот на ЕУ, по што тие ќе стапат во сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на Европската Унија.
октомври 8, 2025