Забава
Големиот вселенски брод „Сигнус Икс-ел“ безбедно стигна на МВС

Новиот голем вселенски брод „Сигнус Икс-ел“ (Cygnus XL) достави товар на Меѓународната вселенска станица (МВС) вчера, 18 септември. Имено, првата мисија на новиот џамбо-товарен вселенски брод на американската аеронаутичка и одбранбена корпорација „Нортроп Груман“ (Northrop Grumman), се одвива добро, oбјави „Сај њуз“ (SciNews).
„Сигнус Икс-ел“ беше лансиран во неделата вечер (14 септември) со ракета „Спејс-Икс фалкон 9“ станицата Кејп Канаверал на Флорида. Лансирањето го означи почетокот на 23-та товарна мисија на „Нортроп Груман“ за американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА, па оттука и неговата ознака „НГ-23“. Леталото достави разновиден товар на МВС.
„Главните истражувачки и технолошки демонстративни настани на Станица ќе бидат олеснети со оваа испорака на товар со вселенскиот брод. Овој товар вклучува материјали за производство на полупроводнички кристали во Вселената и опрема за развој на подобрувања за криогени резервоари за гориво. Вселенскиот брод достави специјализиран систем за УВ-светлина, за да го инхибира растот на микробните заедници што се создаваат во водните системи, како и материјали за производство на фармацевтски кристали со коишто би можело да се лекува рак и други болести“, соопшти агенцијата.
Вселенскиот брод пристигна на МВС со доцнење од еден ден, а клучниот миг се кога американскиот екипаж на Станицата ја искористи роботската рака „Канадарм-2“ за „да го зграпчи“ вселенскиот брод на 420 километри над Конго.
– Тоа е многу сложена вежба за планирање низ којашто мора да поминеме за да стигнеме до МВС и да се сретнеме во многу специфична точка во Вселената. Кога имавме неколку проблеми со неколку неуспешни палења, тоа предизвика траекторијата да се прекрши, па затоа беше потребно малку време за повторно планирање и да се осигураме дека безбедно ќе стигнеме до Станицата, изјави Бил Спеч, менаџер на НАСА за интеграција на операциите на МВС.
„НГ-23“ е посебна мисија од неколку причини. Пред сѐ, ова е првата мисија на „Сигнус“ којашто може да носи значително поголем товар од претходните верзии на вселенското летало. Таа штотуку испорача околу 4.500 кг товар на МВС, во споредба со претходните максимални 3.600 кг.
Тековната мисија е, исто така, првата испорака на товар по повеќе од една година, откако „НГ-21“ пристигна на МВС во август 2024., и по откажувањето на „НГ-22“, којшто требаше да полета во јануари. Претпоследниот проект, имено, беше одложен за јуни поради технички проблеми, а потоа и целосно откажан, откако леталото беше оштетено при преносот до местото на полетување.
Покрај тоа, „НГ-23“ официјално го носи името „С.С. Вилијам – Вили Меккул“. Така му се оддава почит на загинатиот астронаут на НАСА, и еден од седумтемина во посадата на вселенскиот брод „Колумбија“ кои загинаа во катастрофата во 2003 година.
– Неговиот живот продолжува да нѐ инспирира. Гледањето како вселенското летало што го носи неговото име безбедно пристигнува на МВС е потсетник дека неговата храброст и љубезност сѐ уште кружат околу нашата прекрасна планета Земја, рече Спеч откако вселенското летало беше безбедно прифатено со механичката рака.
„С.С. Вилијам Вили Меккул“ е сместен во пристаништето свртено кон Земјата, на модулот „Јунити“, каде што ќе остане до март 2026 година, кога ќе ја напушти МВС за да изгори во атмосферата на Земјата.
септември 20, 2025