Забава
Како вештачката интелигенција носи приходи на мал карипски остров: Ангвила профитира од .ai домените

Малото карипско острово Ангвила заработува милиони од продажбата на интернет-домени со наставката .ai, благодарение на глобалниот раст на вештачката интелигенција. Овие приходи ѝ помагаат на земјата да ја зајакне економијата и да ја намали зависноста од туризмот.
Уште во 1980-тите, кога интернетот беше во зачеток, на земјите им беа доделени национални интернет-домени. Така САД го добија .us, Велика Британија .uk, а малата Ангвила – без да претпостави каква вредност ќе има тоа – го доби доменот .ai.
Децении подоцна, со експлозивниот развој на вештачката интелигенција, оваа наставка стана исклучително барана. Компании од целиот свет денес плаќаат на Ангвила за да регистрираат веб-адреси кои завршуваат на .ai, а интересот постојано расте.
Милионски суми за дигитални имиња
Големо внимание привлече американскиот технолошки претприемач Дхармеш Шах, кој плати дури 700.000 долари за доменот you.ai. Тој имал идеја за AI производ кој би им овозможил на луѓето да создадат дигитални верзии на себе за извршување задачи.
Ова не е изолиран случај. Бројот на .ai домени во последните пет години пораснал повеќе од десет пати, а само во изминатите 12 месеци се удвоил.
Мала економија со голем потенцијал
Ангвила има околу 16.000 жители и традиционално се потпира на туризмот, кој обезбедува 37% од приходите. Иако минатата година беше рекордна со над 111.000 туристи, секторот е ранлив поради честите урагани.
Затоа, приходите од домените станаа стратешки важни. Според буџетскиот документ за 2025 година, Ангвила во 2024 заработила 105,5 милиони источно-карипски долари (околу 39 милиони американски), само од продажба на .ai домени – што претставува речиси четвртина од вкупните државни приходи.
Под американска заштита
За да обезбеди стабилност, во 2024 Ангвила склучи петгодишен договор со американската фирма Identity Digital, специјализирана за управување со интернет-домени. Моделот е со делење на приходите – фирмата зема околу 10%, остатокот оди во буџетот на Ангвила.
На почетокот на 2025 година сите .ai домени беа префрлени од локалните сервери на глобалната мрежа на Identity Digital за да се избегнат прекини поради урагани или нестанок на струја.
Пазар кој цвета секој ден
Регистрацијата на .ai домен чини 150–200 долари, со ист износ за обновување на секои две години. Но најбараните имиња на аукции достигнуваат десетици и стотици илјади долари.
Примери од 2025 се cloud.ai, продаден за 600.000 долари, и law.ai за 350.000 долари. Сепак, рекордер останува you.ai.
Инвестиции за иднината
За разлика од пацифичката држава Тувалу, која ја продаде својата .tv домена за фиксна цена, Ангвила избра флексибилен модел со делење приходи, што ѝ овозможува долгорочен профит како што расте пазарот.
Владата планира новите приходи да ги искористи за изградба на модерен аеродром, подобрување на здравството и развој на инфраструктурата. Со бројот на регистрирани .ai домени што брзо се приближува до милион, жителите на Ангвила се надеваат дека овој дигитален бум ќе донесе одржлив просперитет.
септември 3, 2025