Свет
Средба Маѓар – Зеленски
Унгарскиот премиер Петер Маѓар се сретна за првпат со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на состанокот на Европскиот совет, во обид да ги подобри односите меѓу двете земји, кои со години се оптоварени со спорови околу правата на унгарското малцинство и пристапувањето на Украина во Европската унија.
Средбата следеше по неколкумесечни преговори за нејзино одржување, а двете страни ја гледаат како можност за нормализирање на односите.
За време на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, Украина беше претставена во Унгарија како безбедносна закана, додека Орбан отворено се спротивстави на нејзиното членство во ЕУ, јавија бриселски медиуми.
По изборната победа на неговата партија „Тиса“, Маѓар најави попрагматичен пристап кон Киев, но инсистираше Украина да ги исполни своите обврски во врска со правата на унгарското национално малцинство.
„Како прв чекор кон враќање на меѓусебната доверба, оценивме дека украинскиот парламент го усвои законот за образование на малцинствата во согласност со договорот и дека украинската страна веднаш почна да го спроведува“, рече Маѓар по состанокот.
Тој најави продолжување на разговорите на министерско ниво и изрази солидарност со Украина поради руската агресија.
„Го уверив украинскиот претседател во мојата целосна солидарност во врска со нехуманата руска агресија врз неговата земја, која трае речиси пет години“, рече унгарскиот премиер.
Се очекува двајцата лидери наскоро повторно да се сретнат. Маѓар најави можност за средба во текот на есента во Берегов, град на западот од Украина кој претставува еден од центрите на унгарската заедница, која брои околу 100.000 членови.
октомври 17, 2026


