Вести
Мисајловски: Нов колективен договор, повисоки плати, нова опрема и модернизација на Армијата
Зголемување на платите во Армијата и Министерството за одбрана од 1 јануари, нов колективен договор и решение со кое ќе се реши статусот на професионалните војници по навршувањето 45 години, нова опрема, модернизација, исплатени обврски – најави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски обраќајќи се на свеченоста на Командата за операции во кумановската касарна „Боро Менков“. Министерот, заблагодарувајќи ѝ се за поддршката на претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, и на Генералштабот на Армијата, најави решенија што се важни за припадниците на Армијата.
– Почитувана претседателке, сакам лично да Ви се заблагодарам за Вашиот труд, Вашата посветеност, смелост, храброст и за она што секогаш знаете да се јавите, да прашате за состојбите и секогаш да ни дадете поттик за она што го работиме. Последниот наш разговор и сакам тоа да биде една убава вест за сите вас, разговаравме и за реформите што треба да се донесат, сакаме лично да се заблагодараме на началникот на Генералштабот, на луѓето што се од неговиот тим, на луѓето што се во директоратите, на луѓето во секциите, бидејќи напорно работат. Сакам да Ве информирам дека од кога сум министер, имаме тужби од 2019/2020 досега за кои се исплатени над 26 милиони евра додека јас сум министер. Тоа е направено бидејќи тоа се ваши средства и тоа го заслужувате, но паралелно исплаќаме сѐ по колективен договор. Тоа е нешто што е многу важно за мене, но и за сите луѓе во Министерството бидејќи знаат како да ги предвидат сите процеси – рече министерот.
Во обраќањето пред припадниците на Армијата, министерот Мисјаловски рече дека паралелно е набавена нова опрема, пристигнати се сите возила „страјкери“, „хаубици“ и наведе дека сѐ е исплатено во согласност со агендата.
– Да, но не беше така кога дојдов како министер. Немаше средства, немаше доволно оставено пари по колективен договор, немаше реформи и тоа треба да се каже. Јас сакам тука јавно да го кажам. Но, следуваат и убави времиња бидејќи иако имавме тешкотии, со многу договори, особено ќе го истакнам договорот со „Леонардо“, сакам да знаете дека чекор по чекор внимателно и доследно ќе го спроведеме и од следниот месец треба да се направи или приемот на хеликоптерите, ќе стигнат два нови хеликоптери – рече Мисајловски.
Тој информира дека има најави за забрзано производство и пред рокот треба да стигнат и другите хеликоптери според договорот посочувајќи дека се сериозни средства што ќе треба да се одвојат и исплатат. Во обраќањето Мисјаловски се заблагодари и на сите синдикати за посветеноста и за предлозите што ги даваат.
– Набргу ќе донесеме нов колективен договор, се почитува сегашниот, но сè она што ќе го предложат синдикатите ќе биде прифатено и ќе направиме нов колективен договор и тоа е важно да продолжи, она што следува, и сакам да знаете дека ниедно право што досега го имате нема да биде загрозено – нагласи Мисајловски.
На одбележувањето тој најави и решение за проблемот на професионалните војници, кои навршуваат 45 години.
– Сакам да бидете информирани дека долго време работевме со началникот и со синдикатите и со другите директорати, но и со многу луѓе и старешини во Армијата да најдеме решение за професионалните војници што навршуваат 45 години. Работевме и благодарен сум многу за ова решение бидејќи произлегува од Армијата, произлегува од луѓето што ја носат униформата, сакам да бидете свесни дека веќе ова решение помина на колегиум во Владата и ќе се најде на седница на Влада уште следната недела. Но, потоа ќе ве повикам сите и ќе ве брифираме заедно со началникот, се разбира, за да ви кажеме дека ниеден од вас што навршува 45 години нема да биде заборавен, тука ќе му биде местото, во Армијата, и ќе остане сѐ до неговото пензионирање. Но, тоа набргу ќе го слушнете кога ќе помине одлуката на Влада – рече Мисајловски.
Тој ѝ се заблагодари на претседателката за поддршката, на началникот и на припадниците на Армијата им порача дека ја имаат неговата максимална поддршка и доверба.
– И во наредните години ќе продолжиме со многу процеси, исто така сите генерали, но и сите вие што давате сè од себе и чесно работите и помагате за да се подобрат состојбите, да знаете дека во мене имате најголем пријател – рече Мисајловски.
Командата за операции денеска го одбележува Денот на единицата – 17 Октомври. Покрај министерот, обраќање имаше и претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова. Присуствуваа високи делегации, меѓу нив и началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски, пратеници, одбранбени аташеи, команданти.
октомври 17, 2026


