Connect with us

Вести

Мицкоски: Михајлова и татко ѝ ќе се соочат со правдата, случајот ќе го отвориме и пред партнерите во НАТО

Македонија има свои алатки и механизми за дејствување на меѓународната сцена, а целта е Ива Михајлова и татко ѝ, кој е првостепено осуден, да бидат изведени пред лицето на правдата – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го случајот со Ива Михајлова и ставот на бугарските власти дека нема да ја екстрадираат.

– Со одговорот на бугарските власти најпрвин паднаa во вода координираните напади што доаѓаат oд таму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Ние имавме барање за потерница и очекувам едниот, кој е првостепено осуден, тоа е родителот на Ива, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија. И ние имаме свои алатки, свои механизми, како да се бориме на меѓународната сцена. И повторно ќе го кажам она што го кажав вчера, дека овој неуспешен обид нанесе голема штета, дипломатска штета на владата во официјална Софија, тоа е нивен проблем, а наш проблем е бегалецот од правдата и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата. Јас вчера кажав, еве и повторно, дека когаш-тогаш тоа ќе се случи – рече Мицкоски одговорајќи на новинарско прашање по отворањето на новото основно училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Ченто.  

Тој посочи дека во тек е истрага и најави дека дел од доказите ќе им биде презентиран на партнерите на Македонија во НАТО со цел да се покаже однесувањето на земјите членки во вакви случаи.

– Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа некои од тие докази што ги има, првин ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО за да покажеме како партнерските земји во НАТО се однесуваат. Овој упад што е направен, буквално е киднапирано лице, кое сега е бегалец од правдата, нема да заврши вака едноставно. Но ние исто така нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции и ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции, и нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и за барање решенија – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Ad
Ad