Култура
Филип Шурбевски – Езгија квартет ја воодушеви загрепската публика со македонска чалгија
Со повеќе од 18 музички изведби, Филип Шурбевски – Езгија квартет ја донесе магијата на македонската традиционална чалгиска музика во преполната сала на Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб.
Публиката, како што се наведува во соопштението од Македонскиот КИЦ во Загреб, имаше можност да ужива во вечер исполнета со емоции, музичка виртуозност и препознатливи звуци од богатото македонско музичко наследство. Настапот потсети на времињата кога песната, музиката и дружењето биле неразделен дел од градскиот живот.
Во составот на квартетот настапија врвните професионални музичари Филип Шурбевски, Костадин Андоновски, Мајкл Карадаковски и Митко Наумовски, кои преку автентичниот чалгиски израз ја доближија македонската музичка традиција до загрепската публика.
На почетокот на концертот, директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, ја истакна посебноста на чалгиската музика, нагласувајќи дека таа не е само звук, туку спој на музика, емоција, традиција и заедништво.
На почетокот на концертот, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, ја истакна посебноста на чалгиската музика, нагласувајќи дека таа не е само звук, туку цел настан – спој на музика, емоција, традиција и заедништво. Како значаен дел од македонското музичко наследство, чалгијата сведочи за вековните културни допири на Балканот и за богатството на македонската градска традиција. Преку својот специфичен звук, таа ги поврзува минатото и сегашноста, зачувувајќи го духот на старите времиња и пренесувајќи го на новите генерации.
Концертот привлече бројни посетители, меѓу кои високи претставници на Министерството за култура и медиуми на Хрватска, претставници на локалната власт, македонски и хрватски институции и организации, дипломатскиот кор, универзитетски професори, како и Македонци кои живеат, работат или се образуваат во Загреб.
Големиот интерес, преполната сала и долгите аплаузи ја потврдија важноста на културните настани што ја афирмираат македонската традиција и ја пренесуваат нејзината емоционална сила пред меѓународната публика.
Преку ваквите настани, македонскиот КИЦ во Загреб активно придонесува кон афирмацијата и промоцијата на македонската култура пред меѓународната публика, поттикнувајќи културна конекција, меѓусебно запознавање и зајакнување на пријателските врски помеѓу Македонија и Хрватска.
Концертот на Филип Шурбевски Езгија квартет е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, а се реализираше со поддршка на Министерството за култура и туризам.
октомври 17, 2026


