Connect with us

Култура

Во Струмица отворена изложба на монети од XIV до XX век

Во Галеријата на НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица“ вечерва беше отворена изложбата на монети од XIV до XX век. 

Изложбата е подготвена врз основа на истоименото издание на Музејот, чиј автор е историчарот и виш кустос Бранко Ѓоргиев и претставува можност за непосредно запознавање со нумизматичкото наследство и историските сведоштва што ги носат монетите од различни временски периоди.

Изложбата за отворена ја прогласи националниот координатор за култура, Зоран Љутков.

-„Завод и музеј Струмица“ е една од најуспешните институции во Македонија, бидејќи како статистика, како програмски активности, како капитални инвестиции, ја имав можноста како министер одблиску да ја следам работата на вработените и посебно на директорот и имавме одлична соработка. Тоа може да се види и по трикратно зголемениот буџет којшто го добиваше „Завод и музеј Струмица“. Во овие три години културата во Струмица е многу посилна, а тоа значи дека и националните установи кои се во Струмица и независната продукција придонесуваат многу за развојот на културата, рече Љутков.

Авторот на изложбата, историчарот и виш кустос, Бранко Ѓоргиев, истакна дека оваа изложба има за цел да им овозможи на колекционерите, историчарите, нумизматичарите и сите заинтересирани  систематски и детално да се запознаат со разновидноста на монетите кој се овде опфатени.  

-Пред Вас се изложени над педесетина монети од просторот на Европскиот и Американскиот континент. Истите се претставени и со фотографии кои методолошки се подредени. Со ова, дотичните музејски предмети се ставаат во историски и културолошки контекст. Овие изложени музејски предмети нудат поглед во еден фасцинантен свет. Наша задача, на музејските работници, е преку прецизни описи, фотографии, технички податоци и историски контекст да дадеме точни податоци за секоја од нив, рече Ѓоргиев.

Со оваа изложба, покрај презентацијата на вредното нумизматичко наследство, се промовира и изданието на Одделението за историја и историско културно наследство при Музејот – Струмица. Изложбата се реализира со поддршка од „Државна Лотарија“.

Ad
Ad