Connect with us

Свет

Претседателот на Ел Салвадор планира амнестија за да ослободи 50 отсто од затворениците во земјата

Претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, навести дека би можел да ослободи голем број затвореници, уапсени во рамките на борбата против раширениот криминал на бандите, пренесува порталот „Диарио Ел Салвадор“ (Diario El Salvador).

Според порталот, пренесен од ДПА, Букеле вчера изјави дека со амнестијата би можеле да бидат опфатени околу 50 отсто од затворениците во земјата, а секој случај посебно ќе биде разгледуван од специјална комисија.

Според Букеле, затворениците кои сториле помалку сериозни кривични дела и соработувале со властите, би можеле да бидат пуштени на условна слобода.

Овој конзервативен лидер, кој е на власт од 2019 година, е познат по својот строг пристап кон криминалот и по својот авторитарен став.

Во март 2022 година, по серија особено брутални убиства извршени од бандите во земјата, тој прогласи вонредна состојба. Оттогаш, полицијата и војската имаат овластување да апсат лица без судски налог и без образложение.

Според податоци на владата, од тој момент се затворени повеќе од 90.000 луѓе,а организации за заштита на човековите права проценуваат дека околу една третина од нив се невини,пренесува ДПА. 

Букеле изјави дека вонредната состојба ќе остане на сила сè додека „не бидат уапсени сите терористи“. Тој го спореди овој пристап со хемотерапија, чија цел е да се избори против „канцерогениот раст“ на бандите познати како „Марас“ (Maras).

Тој нагласи дека сите затвореници се виновни и заслужуваат да бидат во затвор. Меѓутоа, имајќи ги предвид „посебните околности“ низ кои поминала земјата, рече тој, може да се направи исклучок за голем број затвореници.

Букеле изјави дека, доколку биле гонети сите виновни лица, 20 отсто од населението би завршиле во затвор. Според податоците на Светската банка, во Ел Салвадор живеат околу 6,4 милиони луѓе, потсетува ДПА.

Ad
Ad