Регион
Додик најави дека на 9 jaнуари ќе биде прогласен новиот Устав на Република Српска со Бања Лука како главен град
Претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, денеска објави дека новиот устав на Република Српска (РС) е планиран да биде прогласен на 9 јануари.
Тој истакна дека тој треба да биде „современ, да ја почитува конститутивноста на народот, но и да спречува злоупотреба на функционирањето на РС“.
-Никој нема да ги задушува Србите, Хрватите или Бошњаците, но ќе овозможи демократски квалификуваното мнозинство да може да се види преку еден систем, изјави Додик за Радио-телевизија на РС (РТРС).
Меѓутоа, додаде, доколку новиот устав не биде подготвен до 9 јануари, тогаш ќе се прогласува на друг датум.
РС го слави 9 јануари како Ден на Републиката, а Уставниот суд на БиХ го прогласи овој празник за неуставен, наведувајќи дека е дискриминаторски кон народите во тој ентитет кои не се Срби.
Лидерот на СНСД понатаму рече дека ќе има промени во однос на главниот град на РС, со оглед на тоа дека според постојниот Устав на РС тоа е Сараево.
„Замислете, сега пишува дека е Сараево. Главен град на РС Српска е Сараево, не Источно Сараево, туку федералното. Затоа ќе ја воспоставиме Бања Лука за главен град на РС, а Пале за нејзина престолнина“, рече Додик.
Додик изјави дека РС има пријатели и во регионот и низ целиот свет и дека очекува победа на Александар Вучиќ во Србија.
„Исто така, очекуваме структурата на (американскиот претседател Доналд) Трамп во САД дополнително да се стабилизира, а со Русија немаме причина, дури ни најмала, да ги загрозиме нашите многу добри и стабилни односи“, истакна Додик.
Тој најави дека висока делегација на РС ќе ја посети Кина до крајот на годината.
„Имаме одлична соработка со Израел, како и со партиите што сакаме да победат во земјите од Европската Унија (ЕУ), како што е Мари Ле Пен, која е прогласена за фаворит за претседателските избори во Франција, потоа со АфД во Германија“, рече Додик.
Тој изнесе низа критики кон ЕУ, нагласувајќи дека ЕУ „направила многу грешки во врска со Уставот на Босна и Херцеговина, особено кон Србите и РС“.
„Имавме ситуација каде што мерките што ни дојдоа беа дизајнирани во Сараево. Можеме да разговараме со нив. Сакаме европски пат што ја вклучува и Република Српска. Кога ќе го прифатат, ние сме подготвени за тој пат“, заклучи Додик.
октомври 15, 2026


