Свет
Калифорнија разгледува воведување прв данок за милијардерите во САД
Гласачите во американската сојузна држава Калифорнија во ноември на референдум ќе одлучуваат за воведување данок на имотот на милијардерите, мерка што би можела да има пошироки последици и во остатокот од САД.
За предлогот ќе се гласа паралелно со изборите на средината на претседателскиот мандат, а неговото усвојување би можело да отвори пат за слични иницијативи и во други американски сојузни држави.
Предлогот предвидува даночна стапка од пет проценти врз нето-имотот на околу 200 милијардери во Калифорнија. Собраните средства би биле наменети за финансирање на јавниот здравствен систем, од кој зависи половина од населението во државата. Системот е под притисок поради големите кратења на федералното финансирање што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп.
Поддржувачите на предлогот се надеваат дека тој ќе поттикне слични иницијативи и во други делови на САД, во време на растечко незадоволство поради продлабочувањето на нееднаквоста и наглото зголемување на богатството на технолошките милијардери, како што е Илон Маск.
„Привремениот данок е само капка во морето на нивното богатство. Тоа за нив не значи многу, но за луѓето на кои им е потребна здравствена заштита значи сè“, изјави Лорен Фирман, пензионирана графичка дизајнерка, која користи здравствено осигурување „Медикер“ наменето за лица на возраст над 65 години.
Референдумот, сепак, предизвикува загриженост во Силициумската долина. Противниците во телевизиските реклами постојано предупредуваат дека привремениот данок би можел да стане траен, што би ги поттикнало најбогатите жители да ја напуштат Калифорнија и би разултирало со намалување на даночните приходи на државата.
„Постои стравување дека поединци, претприемачи и други ќе почнат да сметаат на можноста таквата мерка да се повтори“, изјави Кирк Старк, професор по даночно право на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA).
Покрај милијардерите на предлогот се противат и други влијателни чинители, меѓу кои и гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом. По повеќе од седум години на функцијата, демократот за кого се шпекулира дека има претседателски амбиции за 2028 година, официјално повикува да се гласа против предлогот.
И моќниот синдикат „Јунајтед доместик воркерс“ кој застапува 25 илјади домашни негуватели и работници што се грижат за деца, ги повика своите членови да гласаат против. Синдикатот смета дека еднократниот данок наменет за здравствениот систем нема долгорочно да покрие недостиг од милијарди долари во буџетот на Калифорнија.
Идејата, сепак, не е нова. Во последните 15 години Калифорнија трипати се обиде преку референдуми да ги зголеми даноците за најбогатите, но сите предлози беа отфрлени. „Предлог 40“ пред неколку месеци имаше широка поддршка, но анкетите покажуваат дека како наближуваат изборите таа се намалува.
Дебатата доби и национални размери. На почетокот на октомври социјалистот Берни Сандерс, поранешен кандидат за демократската претседателска номинација, го посети Лос Анџелес за да го поддржи данокот.
„Иако овие милијардери во последните десет години го зголемија своето богатство повеќе од трипати, плаќале ефективна даночна стапка пониска од водоинсталатерите или медицинските сестри“, изјави Сандерс, една од водечките фигури на американската левица.
Доколку биде усвоена, мерката би требало да донесе сто милијарди долари даночни приходи, изјави Брајан Гал, професор по право на Универзитетот на Калифорнија во Беркли и еден од креаторите на предлогот.
Гал проценува дека без тие средства, домаќинствата во Калифорнија во следните години ќе мора во просек да издвојуваат дополнителни 7.500 долари за здравствена заштита поради неодамнешните федерални кратења во јавното здравство.
Според него, намалувањето на федералното финансирање од страна на администрацијата на Трамп особено ќе се почувствува во руралните области, каде што жителите почесто зависат од јавната помош.
„Кога една рурална болница ќе се затвори, многу ретко повторно ги отвора вратите“, предупреди тој.
Резултатите од гласањето треба да бидат познати на 3 ноември, кога завршуваат среднорочните избори во САД.
Ако Калифорнија го воведе првиот данок за милијардерите во САД, „слични иницијативи ќе се појават и во други сојузни држави“, се надева Емануел Саез, еден од авторите на предлогот и професор по економија на Универзитетот на Калифорнија во Беркли.
Саез признава дека некои милијардери би можеле да размислуваат за заминување од Калифорнија доколку данокот биде обновен или стане траен.
Но, Тим Мофет, пензиониран здравствен работник, смета дека заканите за заминување поради данокот не се убедливи.
„И онака не плаќаат данок…Што тогаш можеме да изгубиме“, изјави 69-годишниот Американец.
октомври 15, 2026


