Connect with us

Свет

Пад на продукцијата на турски серии од 40 отсто за три години

Малкумина би ја оспориле привлечноста на турските телевизиски серии, кои успеаја да ја освојат публиката ширум светот. Сепак, формулата што им го донесе успехот сè потешко се применува.Турската телевизиска индустрија има произведено 40 проценти помалку серии во текот на изминатите три години, како резултат на зголемените трошоци за продукција и промените во навиките на гледачите, објави весникот „Туркије (Türkiye)“.

Во своја статија под наслов „Голема криза во турските ТВ-серии“,  новинарот Мурат Озтекин истакнува дека трошоците за продукција на една епизода од некоја голема турска серија достигнале 25 милиони турски лири (околу 460.350 евра). Повикувајќи се на конкретни податоци, новинарот известува дека последниве три години бројот на произведени турски серии е намален за 40 отсто, иако популарните актуелни серии, како „Солено кафе (Tuzlu Kahve)“ и „Ова море ќе се прелее (Taşacak Bu Deniz)“, продолжуваат да привлекуваат значителен број гледачи. Се посочува, исто така, дека намалувањето на пазарот за рекламирање придонесува за предизвиците со коишто се соочува индустријата.

Според наводите, уделот на традиционалната ТВ на домашниот пазар за рекламирање е паднат на приближно 18 отсто, што им отежнува на ТВ-куќите да ги финансираат продукциите со голем буџет.

Во интервју, продуцентот Џемил Јавуз додава дека, по пандемијата на Ковид-19, дошло до значителна промена во односот меѓу ТВ-прикажувањето и стрим-платформите. Според него, гледачите кои некогаш чекале цела недела за следната епизода од својата омилена серија, денес се навикнати да ги гледаат програмите што ги претпочитаат тогаш кога самите ќе посакаат. Јавуз напомнува и дека забавувањето на турскиот домашен пазар се совпаѓа со поширок тренд ширум цел свет – опаѓа интересот за турските ТВ-серии во странство. Тој нагласува дека неколку земји од Блискиот Исток почнале да им даваат предност на сопствените домашни продукции, што дополнително негативно влијаело врз извозот на турските ТВ-серии.  

Турските серии и натаму се популарни во странство, но нивната привлечност веќе не гарантира дека вложените средства ќе бидат вратени. Продуцентите мора внимателно да ги проценуваат можностите и ризиците, телевизиските радиодифузери да прифатат дека не секој проект може да ги исполни очекувањата, а дистрибутерите да се насочат кон пазари на кои постои реална можност за поврат на инвестицијата.

Ad
Ad