Connect with us

Свет

Бразилскиот парламент ја скрати работната недела на 40 часа, клучно предизборно ветување на претседателот Лула

Бразилскиот Сенат вчера усвои уставен амандман за скратување на работната недела, потег за кој левичарскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва смета ќе ја намали предноста на конзервативниот сенатор Флавио Болсонаро пред вториот круг од претседателските избори.

Реформата за која Владата на Лула се залага со месеци, предвидува два наместо еден слободен ден седмично за голем број работници и намалување на максималното работно време од 44 на 40 часа неделно.

Скратувањето на работното време беше едно од главните барања на учесниците на големите собири за поддршка на Лула, одржани изминатите денови во повеќе бразилски градови.

По гласањето, група сенатори запеа песни во поддршка на претседателот. Амандманот беше усвоен во Сенатот со 75 гласа „за“ и еден „против“, откако во мај доби поддршка и од Претставничкиот дом.

Флавио Болсонаро, кој претходно го оцени предлогот како „опортунистички“, на крајот гласаше за него.

Лула не ја пропушти можноста да ја критикува промената на ставот на својот противкандидат.

– Нашите противници вчера решија да гласаат „за“, но мора да останеме внимателни. Тие гласаат така од изборен опортунизам, изјави 80-годишниот претседател во видеообраќање објавено на социјалните мрежи.

На првиот круг од претседателските избори одржан на 4 октомври, Лула освои 45 отсто од гласовите, наспроти 47 отсто за Флавио Болсонаро, синот на неговиот ултрадесничарски претходник Жаир Болсонаро.

Претставници на изборниот штаб на Лула сметаат дека намалувањето на работното време може да ѝ даде нов поттик на неговата кампања пред вториот круг, закажан за 25 октомври.

Реформата треба да се спроведе постепено во период од 14 месеци.

Ad
Ad