Свет
Северна Кореја тестираше два вида стратешки крстосувачки ракети лансирани од подморници
Северна Кореја соопшти дека вчера тестирала два вида стратешки крстосувачки ракети лансирани од подморница, со цел да ги тестира оперативните способности на своите поморски сили и своите воени средства за одвраќање.
Како што јави Севернокорејската новинска агенција (КЦНА), на тестирањето, што се одвивало во водите кај источниот брег на Северна Кореја, присуствувале високи воени претставници. Но, агенцијата не соопшти детали за ракетите или за лансирањето, наведувајќи само дека тестовите не претставуваат закана за безбедноста на соседните земји.
Северна Кореја продолжува да развива напредни подморници опремени со ракети, како и балистички и крстосувачки ракети, тестирајќи ги преку лансирања од различни платформи – вклучително и од една постара подморница.
Според аналитичарите, Пјонгјанг сè уште нема целосно распоредено модерна подморница вооружена со ракети. Тоа е еден од клучните воени приоритети за севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
октомври 15, 2026


