Connect with us

Регион

Вадефул: Црното Море сè повеќе станува воено жариште

Црното Море сè повеќе станува воено жариште, предупреди денеска шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул, по тешките напади врз цивилни бродови во близина на бугарскиот брег, јави ДПА.

„Не смееме едноставно да дозволиме да се случи оваа ескалација, оваа агресија од страна на Русија“, рече Вадефул на средбата со својата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова.

„Сите сме буквално во ист чамец“, додаде Вадефул. „Сите сме цел.“

Петрова-Чамова изјави дека безбедноста на Црното Море е нераскинливо поврзана со безбедноста на Европа.

„Бугарија работи со своите партнери за да се стави крај на нападите врз трговските бродови“, рече таа.

Вадефул упати апел до Москва да се согласи на прекин на огнот што би опфатил транспорт на стоки, а особено испораката на жито.

Доколку Русија продолжи со нападите во Црното Море, тоа ќе биде на штета на луѓето од глобалниот југ, првенствено во Африка, рече тој, додавајќи дека на „овие луѓе им се заканува глад.“

Вадефул истакна дека одбраната на европската безбедност подразбира и одржување на економскиот притисок врз Русија.

За таа цел, Европа мора доследно да се ослободи од зависноста од руските енергенси, рече тој.

„Бидејќи не може да сакаме да вршиме економски притисок врз Русија, а истовремено да останеме заробени во стратешка зависност.“

Без да го спомене договорот на американскиот претседател Доналд Трамп со Русија за дизел, Вадефул предупреди дека е против давањето „подароци“ за рускиот претседател Владимир Путин.

„Подароците го охрабруваат Путин во неговата политика. Само цврстиот став создава подготвеност за разговор“, рече тој.

Коментарите уследија откако Трамп постигна договор за испорака на стотици илјади тони дизел од Русија.

Договорот наиде на остри критики од европските сојузници, како и во САД, потсетува ДПА.

Ad
Ad