Култура
Киро Донев номиниран за меморијалната награда „Астрид Линдгрен“
Киро Донев е првиот македонски писател номиниран за некоја од двете најголеми книжевни награди во светот за литература за деца – „Астрид Линдгрен“ и „Ханс Кристијан Андерсен“, соопштија вечерва од „Македоника литера“.
– Попладнево, Комитетот за доделување на Меѓународната меморијална награда „Астрид Линдгрен“ во Стокхолм, ги соопшти номинираните кандидати за наградата за 2027 година. Меѓу нив е и македонскиот писател Киро Донев, ексклузивен автор на „Македоника литера“. Листата опфаќа автори и илустратори, како и раскажувачи и промотори на читањето, како и организации што ги популаризираат книгата и читањето – се додава во соопштението.
Предвидено е добитникот да биде објавен на 6 април 2027 година на Меѓународниот саем на книгата за деца во Болоња, Италија.
– Бидејќи во Македонија нема национална секција на The International Board on Books for Young People (IBBY), како овластен предлагач на кандидати за двете споменати награди, Киро Донев, во мај годинава, беше предложен од Институтот за детска книжевност од Белград, кој е овластен предлагач на кандидати од регионот – се додава во соопштението.
Донев е роден 1942 година во Моноспитово, струмичко. Тој е автор на педесетина книги за деца – романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници.
– Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици и тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца. Донев пишува и ТВ и радиодрами, текстови за сликовници за најмладите, сценарија за играни ТВ серии, составил неколку антологии… Повеќепати е наградуван, а највисоки признанија од областа на литературата му се наградата „Ванчо Николески“, доделена од Друштвото на писателите на Македонија, „Гоцева повелба“ на манифестацијата „Гоцеви денови“, наградата „Мала вила“ на 21. Меѓународен детски фестивал „Везени мост“ во Тузла, Босна и Херцеговина. Дел од неговото творештво, претежно романи, се преведени на турски, српски – хрватски – босански, бугарски, унгарски, украински и албански јазик, а негови песни и раскази се објавени на многу јазици. Долг период – од 1970 година, беше член на Друштвото на писателите на Македонија. Живее во родното Моноспитово – се додава во соопштението.
октомври 15, 2026


