Connect with us

Култура

Македонската поетеса Кристина Краличин севкупна победничка на меѓународен конкурс во Сараево

Македонската писателка и поетеса Кристина Краличин е добитничка на највисокото признание „Дијамантска повелба“ на меѓународниот поетски конкурс „Мост пјесника 2026“ во Сараево, со што е прогласена и за севкупна победничка на годинашниот конкурс меѓу 177 пристигнати книжевни дела од автори од повеќе земји.

Наградата ѝ е доделена за песната „Двајца не мора да станат едно“, во рамки на четвртото издание на Меѓународниот фестивал на поезијата, организиран од Здружението за култура „Нова свјетлост“ (KNS) од Сараево.

Според официјално објавените резултати од 13 октомври, песната на Краличин е рангирана на првото место во категоријата „Дијамантска повелба“ и е означена како победничка песна на конкурсот.

За разлика од останатите две Дијамантски повелби што биле доделени во посебните категории за книжевната дијаспора на Босна и Херцеговина и за млади автори, признанието на Краличин ја носи титулата севкупен победник на меѓународниот конкурс.

На конкурсот учествувале автори од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Бугарија, Италија, Германија, Австрија, Шведска, Данска, Обединетото Кралство, САД, Австралија, Аргентина, Шпанија, Луксембург и Косово.

Селектор на конкурсот бил книжевникот Ибрахим Османбашиќ, кој во образложението за наградата наведува дека авторката успеала личната приказна за љубовта и разделбата да ја претвори во универзална поетска порака за човечката потреба од припадност и слобода. Притоа, ја истакнува филозофската длабочина на песната и симболиката на мостот како трајна врска меѓу луѓето.

Победничката песна тематски се осврнува на индивидуалноста, блискоста и слободата во меѓучовечките односи, испраќајќи порака дека вистинската поврзаност не подразбира губење на сопствениот идентитет, туку можност различностите да опстојат во заедништвото.

Свеченото доделување на признанијата и промоцијата на меѓународната поетска збирка „Мост од зборови“, во која ќе биде вклучена и наградената песна, ќе се одржи на 17 октомври во „Арт куќа севдаха“ во Сараево.

Ad
Ad