Connect with us

Свет

Француската новинарка и есеистка Наташа Полони се кандидира за претседателка на Франција во 2027 година

Француската есеистка и новинарка Наташа Полони денеска ја објави кандидатурата за претседателските избори во Франција во 2027 година, наведувајќи дека нејзината цел е „да ги обедини политички напуштените“ и „да предложи политика заснована на производство на француска територија“.

Педесет и едногодишната Полони, која е поранешна уредничка во неделникот „Маријан“ и која во септември 2025 година го започна тримесечното списание „Одас“, ја објави кандидатурата во интервју за радиото „Франс ентер“. Притоа, таа ја посочи „целосната загуба на позициите на Франција во економијата, како и во однос на нашата независност и суверенитет“.

За да се „прекине спиралата на осиромашување во која се наоѓаме“, Полони планира да даде приоритет на француските производи во јавните набавки бидејќи, како што рече, тоа создава економска активност и носи пари во државната каса. Таа предложи и укинување на сите субвенции за компаниите што не се условени со производство на француска територија.

Нејзината кандидатура доаѓа во време кога, по десет години на власт, актуелниот претседател Емануел Макрон нема да може повторно да се кандидира на изборите напролет, бидејќи Уставот го ограничува претседателскиот мандат на два последователни мандата. Поради тоа, голем број веќе најавени и потенцијални кандидати се натпреваруваат за негов наследник.

Полони и претходно накратко се занимаваше со политика заедно со Жан-Пјер Шевенман, левичарски суверенист, а во 2002 година се кандидираше на парламентарните избори во Париз. Како главна уредничка на неделникот „Маријан“, таа застапуваше суверенистичка уредувачка линија со антилиберални ставови во економијата и критички однос кон елитите.

Таа стана позната како соговорничка во телевизиската емисија на Лоран Рукије „Сè уште не сме легнале“, која се емитуваше на телевизијата „Франс 2“ од 2011 до 2014 година, по што редовно учествуваше во телевизиски и радиоемисии и објави бројни есеи.

Ad
Ad