Општини
Тоневски: Над 100 милиони денари инвестиции во патишта, водоснабдување и спортска инфраструктура во Пробиштип
Помина речиси една година од почетокот на мандатот. Една година во која се соочивме со реалната состојба во која се наоѓаше Општина Пробиштип, со предизвиците наследени од претходниот период, но и со обврската да создадеме цврста основа за идниот развој на Пробиштип и на сите наши населени места.
Оваа прва година не ја мериме само низ бројки и реализирани активности. Значаен дел од овој период беше посветен на утврдување на вистинската состојба, поставување јасни приоритети и пред се, стабилизирање на финансиската состојба на општината.
До денес, како резултат на одговорното работење и преземените мерки, вративме над 50 милиони денари од долгот на општината, кој минатата година изнесуваше повеќе од еден милион евра.
Финансиското раздолжување не е само сметководствена категорија. Тоа значи создавање на услови општината во иднина полесно да планира, да аплицира за средства, да реализира капитални инвестиции и навремено да одговори на потребите на граѓаните.
Но, стабилизацијата сама по себе не е доволна.
Затоа, паралелно со финансиското консолидирање, продолживме со работа и на терен.
Во текот на оваа година реализиравме и реализираме проекти во вредност од над 100 милиони денари, а пред започнување со реализација се проекти со вкупна вредност од дополнителни 70 милиони денари.
Се посветивме на изградба и реконструкција на улиците „3-та“, „3-ти Април“, „Јаким Стојковски“, „Ленинов плоштад“, „Никола Карев“.
Целосно се реконструираше патниот правец од Пробиштип до село Кундино, а деновиве продолжуваат градежните работи за реконструкција на патот помеѓу селата Горни и Долни Стубол.
Ја започнавме и ја завршивме санацијата на резервоарот за вода за пиење. Дополнително, обезбедивме уште 30 милиони денари од Министерството за животна средина, ги завршивме сите постапки и веќе започнуваме со целосна реконструкција на филтер-станицата.
Со овие инвестиции Пробиштип го надминува проблемот со обезбедување редовно и квалитетно водоснабдување.
Изготвивме проектна документација, аплициравме и очекуваме позитивен одговор за обезбедување на средства за изградба на нови водоснабдителни системи за селата Дренак, Стрмош, Лесново, Зарапинци и Стрисовци, во вкупна вредност од околу 600.000 евра.
Влезот на Пробиштип добива сосема нов, урбан лик.
Со инвестициите во изградба на целосната инфраструктура – канализација, потпорни ѕидови, улици, тротоари и осветлување – урбаниот блок 7.5, кој се наоѓа на самиот влез на градот, од запуштен простор прераснува во модерен урбан комплекс, со услови за изградба на нови комерцијално-деловни и станбени објекти. Ова не е само промена на изгледот на влезот во градот. Ова е создавање нов простор за живеење, работа, инвестиции и економски развој.
Посебно внимание посветуваме и на развојот на туризмот и на потенцијалите што ги има Пробиштип.
Во тек е реконструкцијата на планинарскиот дом „Црн Врв“, како и изградба на нов паркинг-простор во Лесново – место кое привлекува сè поголем број посетители.
Голем интерес кај љубителите на природата ќе привлече и уредувањето на просторот околу познатиот стар даб во село Марчино. Верувам дека овој локалитет може да прерасне во ново излетничко место, во простор за рекреација, одмор и уживање во природните убавини на нашиот крај. За овој проект средствата се обезбедени преку Бирото за рамномерен регионален развој, договорот е веќе потпишан и деновиве започнува реализацијата на терен.
Инвестираме и во спортот, спортската инфраструктура и развојот на спортски дух кај најмладите. Завршена е изградбата на кошаркарското игралиште во Злетово, како и реконструкцијата на спортската сала во основното училиште „Никола Карев“. Пред неколку дена го потпишавме договорот за целосна реконструкција на ракометното игралиште во центарот на Пробиштип кое ќе опфати нова спортска подлога, обнова на трибините, поставување на седишта и подобрено осветлување.
Но, вложувањето во спортот не завршува со изградбата на инфраструктурата. Преку организирање на бројни спортски настани и турнири создаваме можности децата и младите активно да спортуваат, да се дружат и да ги развиваат спортските вештини, дисциплина и тимскиот дух.
Со цел правилен развој на децата, обезбедивме бесплатни ортопедски прегледи за сите деца до 15 годишна возраст.
Културата конечно добива нова и вистинска димензија.
Во соработка со Домот на културата, изминатите месеци покажавме дека знаеме и можеме да организираме квалитетни културни настани за сите генерации и категории на граѓани – за децата, за возрасните, за љубителите на уметноста, театарот и пишаниот збор.
Сакаме културниот живот да биде разновиден и достапен за сите, затоа што современа општина не се гради само со улици и инфраструктура, туку и со култура, образование, спорт и квалитетен општествен живот.
Ниту еден сериозен проект не започнува со градежната машина на терен. Тој започнува со добра идеја, квалитетна проектна документација, решени имотно-правни и административни прашања и, секако, обезбедено финансирање. Но, најважно од се – секој сериозен развоен проект започнува со соодветна урбанистичка документација.
Затоа веќе ја започнавме една од најважните задачи за нас, која можеби во овој момент не е видлива за граѓаните, но е од суштинско значење за иднината на општината – постапката за изработка на нов Генерален урбанистички план на Пробиштип.
Со новиот ГУП ќе создадеме современа и реална развојна рамка за градот.
Ќе овозможиме проширување на градежниот реон и ќе создадеме нови можности за изградба на семејни домови, за нови инвестиции и за економски развој.
Паралелно со тоа, подготвуваме проектна документација и проектни решенија за идните инвестиции.
Посебен фокус во наредниот период ќе имаат населените места. Нашата визија е развојот да не биде концентриран само во градот, туку секое населено место да биде дел од развојната програма на Општина Пробиштип.
Оваа година, по повеќегодишна пауза, граѓаните повторно ќе бидат директно вклучени во одредувањето на приоритетите за подобрување на локалната инфраструктура, условите за живот, комуналните услуги и другите потреби на жителите.
За таа цел, во тек се подготовките за одржување на форумски сесии, преку кои ќе овозможиме директно и активно учество на граѓаните во креирањето на локалните политики и развојните приоритети.
Знам дека најдобрите решенија се оние кои произлегуваат од самите граѓани.
Почитувани граѓани,
Развојот на една општина не се случува преку ноќ.
За големи промени потребни се визија, планирање, подготвени проекти, обезбедени средства и пред се, истрајност и посветена работа.
Верувам дека заедно со граѓаните, ќе продолжиме со уште поголем интензитет да ја градиме општина Пробиштип онака како што ја замислуваме – современа, развиена и пријатна општина, место во кое вреди да се живее, работи и создава иднина.
октомври 14, 2026


