Свет
Украина, Молдавија и Германија меѓу 15-те новоизбрани членки на Советот за човекови права на ОН
Генералното собрание на Обединетите нации синоќа избра 15 држави за нови членки на Советот на ОН за човекови права, кои ќе ја извршуваат оваа функција со тригодишен мандат почнувајќи од 1 јануари 2027 година.
На тајното гласање, сите 15 кандидати учествуваа без противкандидати во своите регионални групи. Меѓу новоизбраните членки се Украина и Молдавија од источноевропската група, како и Германија и Ирска од групата на западноевропски земји. Шест од избраните држави – Бурунди, Гана, Јапонија, Кувајт, Бразил и Доминиканската Република – добија повторен тригодишен мандат.
Позициите во Советот по регионални групи беа распределени на следниот начин: од африканската група беа избрани Бурунди, Гана, Нигерија и Замбија; од азиско-пацифичката група – Јапонија, Јордан, Кувајт и Непал; од групата на земји од Латинска Америка и Карибите – Бразил, Доминиканската Република и Уругвај; а од западноевропските земји – Германија и Ирска, се наведува во објавата на Советот на социјалната мрежа Икс.
Советот на ОН за човекови права, со седиште во Женева, е главното меѓувладино тело на ОН задолжено за унапредување и заштита на човековите права ширум светот.
Телото брои вкупно 47 држави членки, а приближно една третина од членството се обновува секоја година за да се обезбеди континуитет во работата. Заради рамномерна географска застапеност, местата се трајно распределени во пет регионални групи: африканските и азиско-пацифичките држави имаат по 13 места, Латинска Америка и Карибите имаат осум, западноевропските и другите држави имаат седум, додека источноевропските држави располагаат со шест места.
октомври 14, 2026


