Свет
Извештај: Светот е далеку од исполнување на целта за запирање на уништувањето на шумите до 2030 година
Светот е далеку од исполнување на утврдените цели за запирање на уништувањето на шумите до 2030 година, и покрај намалувањето на загубата на шумски површини минатата година, се наведува во проценката на консултантската организација „Клајмат фокус“.
Извештајот, изготвен со придонес на повеќе од 20 истражувачки организации и организации на граѓанското општество, покажува дека во светот во 2025 година биле уништени околу седум милиони хектари шума, што е за 15 проценти помалку во споредба со претходната година. Сепак, таа површина е значително поголема од 4,2 милиони хектари, колку што е максималната загуба на шуми во согласност со целта за 2030 година.
Повеќе од сто земји на климатскиот самит на Обединетите нации во Глазгов во 2021 година се обврзаа до крајот на деценијата да го сопрат трендот на губење на шумите. Според Обединетите нации, шумите, растенијата и почвата во последната деценија апсорбирале околу 30 проценти од емисиите на јаглероден диоксид предизвикани од човечките активности.
Според извештајот, тропските делови на Африка во 2025 година изгубиле 2,4 милиони хектари шума, приближно колку и тропските делови на Латинска Америка, каде што биле изгубени 2,5 милиони хектари. Додека уништувањето на шумите во Латинска Америка се намалило за 33 проценти, благодарение на мерките преземени за време на мандатот на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, нема знаци на намалување на загубата на шумите во басенот на Конго.
Како главни причини за уништувањето на шумите во басенот на Конго, извештајот ги наведува проширувањето на земјоделските површини, сечата на дрвја и рударството.
Авторите на извештајот предупредуваат дека неодамнешниот напредок може брзо да биде анулиран со политички промени. Како особено значаен е посочен вториот круг од претседателските избори во Бразил на 25 октомври, на кои претседателот Лула ќе се соочи со десничарскиот кандидат Флавио Болсонаро чиј татко, поранешниот претседател Жаир Болсонаро, беше на власт во период кога беше забележано зголемено уништување на шумите.
Во извештајот се предупредува и дека продолженото уништување на шумите може да го зголеми ризикот амазонската прашума да достигне критична точка по која неповратно би се претворила во савана, што дополнително би ја загрозило глобалната климатска стабилност.
октомври 14, 2026


