Connect with us

Свет

Зеленски ги обвини властите во Киев дека не ја подготвиле украинската престолнина за престојната зима

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа ги обвини властите во Киев дека не ја подготвиле соодветно украинската престолнина за претстојната зима во услови на војна.

„Секој жител на Киев може да види дека градот навистина не е подготвен“, ја пренесува ДПА изјавата на Зеленски од редовното видеообраќање до нацијата.

Тој рече дека нападите со беспилотни летала го прекинуваат снабдувањето со електрична енергија и вода, а престолнината се соочува и со дополнителни проблеми поврзани со засолништата, подготвеноста на училиштата, поставувањето физичка заштита на клучни објекти и функционирањето на јавниот превоз.

Градските власти се соочуваат со критики, особено на социјалните мрежи, дека не ја подготвиле престолнината доволно добро, откако руските напади со беспилотни летала и ракети изминатите денови предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Зеленски оцени дека Киев заостанува зад другите региони во спроведувањето на мерките за подготовка за зимата, не споменувајќи го притоа по име градоначалникот Виталиј Кличко.

Потребни се решенија, рече тој, додавајќи дека разговарал и со претставници на други региони, меѓу кои и со градоначалникот на Харков, вториот по големина град во Украина.

Кличко ги отфрли критиките, наведувајќи дека Киев со недели бил главна цел на особено интензивни руски напади.

„Градоначалникот на градот не е одговорен за противвоздушната одбрана“, изјави тој пред новинарите.

Кличко оцени дека критиките претставуваат напад врз локалната самоуправа, чија цел е да биде заменет со полојален градоначалник.

„Луѓето ме избраа и правам сè што е во моја моќ во најтешки услови за да ја оправдам довербата на жителите на Киев, така што градот ќе продолжи да функционира во услови на разорни непријателски напади“, рече тој.

Ad
Ad