Свет
Алармантна студија во Берлин: Секој петти млад човек во Германија е жртва на кибернасилство
Кибернасилството меѓу децата и адолесцентите во Германија е во постојан пораст, при што секој петти млад човек или речиси 2,4 милиони ученици биле жртва на напади на интернет – покажува шестиот национален извештај „Киберлајф“, што денеска во Берлин го објави Алијансата против кибернасилството.
Според истражувањето, речиси 20,7 отсто од учениците изјавиле дека биле цел на ваков вид интернет-напади, што претставува пораст во споредба со 18,5 отсто забележани во претходната студија од 2024 година.
„Кибернасилството го загрозува менталното здравје на цела генерација. Тоа почнува уште на школска возраст и ги следи погодените деца, адолесцентите и младите возрасни лица деноноќно во сите сфери од нивниот живот“, предупреди Уве Лист, претседател на здружението и коавтор на студијата.
Нападите најчесто се случуваат преку социјалните мрежи и апликациите за пораки, како „Ватсап“, „Тик-ток“, „Снепчет“ и „Инстаграм“, како и на гејмерските платформи и во онлајн-собите за разговор.
Според дефиницијата употребена во истражувањето, кибернасилството претставува намерно навредување, заканување, понижување или вознемирување други лица преку интернет и мобилни телефонски услуги во подолг временски период.
За потребите на оваа репрезентативна студија, во периодот меѓу март и јули преку интернет биле анкетирани 4.525 деца, адолесценти и млади возрасни лица на возраст од седум до 20 години од основните, средните и стручните училишта. Дополнително, во истражувањето биле опфатени и анкетирани 1.100 родители и повеќе од 700 наставници.
октомври 13, 2026


