Connect with us

Свет

Инцидент во Германија: Привремено затворен аеродромот во Нирнберг по итно слетување на авион од Крф под придружба на „Еурофајтер“

Аеродромот во германскиот град Нирнберг денеска беше привремено затворен и блокиран од полицијата поради сомневање за итна ситуација во воздухот, непосредно пред слетувањето на патнички авион од грчкиот остров Крф, кој бил придружуван од борбени авиони „Еурофајтер“, соопштија полицијата и аеродромските власти.

Извори за агенцијата ДПА изјавија дека од авионот бил испратен сигнал со код за итна состојба. Портпаролот на аеродромот потврди дека леталато безбедно слетало, но дека сите полетувања и слетувања остануваат во прекин додека полициските единици го обезбедуваат теренот.

Полицискиот портпарол изјави дека сомневањето за итна состојба сè уште не е официјално потврдено и дека засега не се открива колку полициски сили се ангажирани на самото место.

Овој инцидент се случи само неколку часа откако полицијата соопшти дека на истиот аеродром биле забележани сомнителни беспилотни летала.

Тројца пилоти, независно еден од друг, претходно пријавиле дека за време на полетување или слетување забележале објект за кој се сомневаат дека бил дрон. Аеродромските служби, граничната полиција и контролата на летање веднаш започнаа потрага, во која беше вклучен и полициски хеликоптер, но дрон не беше пронајден. 

Нирнберг е вториот по големина град во јужната германска покраина Баварија, веднаш по главниот град Минхен.

Ad
Ad