Свет
Генералот Сирски во интервју за Би-би-си: Линијата на фронтот е стабилизирана, а Европа мора да се подготви за можна војна
Украина ја стабилизира линијата на фронтот и ја скрши способноста на Русија да напредува нанесувајќи ѝ големи човечки загуби – изјави поранешниот врховен командант на украинските вооружени сили, генерал Олександр Сирски, во интервју за Би-би-си, прво по смената од функцијата летово. Во истото интервју тој упати директно предупредување до европските сојузници кои се сомневаат во амбициите на Москва, порачувајќи им да ги отфрлат сите илузии и веднаш да почнат со подготовки за можна војна.
Сирски тврди дека вкупните руски загуби во војната се шестпати поголеми од украинските. – Ако ги сметаме само загинатите, тогаш тој број е и до 11 пати поголем – рече тој. Бидејќи ниту Русија ниту Украина официјално не го објавува бројот на загинати војници, овие тврдења не може независно да се потврдат.
Според Сирски, разликата во загубите, технолошкиот напредок и украинската стратегија за напади врз слабите точки на руските линии, истовремено со запирањето на напредувањето на други делови од фронтот, придонеле за сегашниот застој.
– Тоа е показател дека линијата на фронтот е стабилизирана – рече Сирски наведувајќи дека Русија во првите шест месеци од 2026 година зазела вкупно 61 квадратен километар. Според извештајот на американскиот Институт за проучување на војната (ISW), Москва во септември изгубила повеќе територија отколку што освоила.
Во однос на европската безбедност, Сирски ги предупреди европските партнери, кои имаат сомнежи за понатамошните територијални амбиции на Русија. – Отфрлете ги сите илузии дека тоа нема да се случи – истакна геералот.
Тој очекува војната да стане уште понапредна во технолошка смисла со сè поголема употреба на роботи, автоматизирани системи и вештачка интелигенција.
– Дури и обичното оружје сега добива систем за управување заснован на вештачка интелигенција за да се подобрат неговите можности – рече тој додавајќи дека таквата технологија би можела да го продолжи периодот на употребливост на конвенционалното вооружување, како што се тенковите. Русија и Украина, според него, се натпреваруваат во развојот на активни одбранбени системи за заштита на оклопните возила. Сепак, тој смета дека технологијата нема целосно да ги замени луѓето на бојното поле бидејќи човечката улога ќе остане пресудна за управување со овие системи.
Говорејќи за причините за неговата смена, Сирски објасни дека имало несогласувања со тогашниот министер за одбрана Михајло Федоров бидејќи, како што тврди, министерот при набавката на оружје и опрема „не ги зел предвид интересите на војската“. Според него, Федоров создал нерамнотежа во снабдувањето затоа што им давал предност на дроновите занемарувајќи важна опрема за фронтот, како што се беспилотните копнени возила, пикап-возилата и мотоциклите. Тој додаде дека војската добивала само половина од потребните дронови.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го смени Сирски летово по судирот со Федоров. Министерот претходно тврдеше дека војската под водство на Сирски не ги приспособувала доволно своите операции на промените во војната и ги блокирала неговите иницијативи. Откога овие несогласувања станаа јавни и следуваа масовни протести, Зеленски ги смени двајцата функционери, а на местото командант беше назначен генерал-мајор Михајло Драпатиј.
Сирски ги отфрли критиките дека бил премногу старомоден за да ја води војската во која технологијата има сè поважна улога. Тој тврди дека токму за време на неговиот мандат употребата на дронови достигнала невидено ниво, вклучително и напади на повеќе од 2.000 километри зад непријателските линии. Тој посочи дека Украина прва ги воспоставила беспилотните системи како посебен род на вооружените сили и дека дроновите во моментот се одговорни за 80 отсто од руските загуби.
Во однос на повлекувањата од источните градови Авдиивка и Вухледар, како и од околината на Покровск, Сирски не негира дека имало ситуации во кои повлекувањата следувале доцна, но истакна дека Украина се бори против многу помоќна војска. Тој наведе дека во 2025 година Русија имала 18 пати повеќе авиони и бомби од Украина, два и пол пати повеќе артилериски орудија и гранати, а располага и со четири милиони воено обучени луѓе што може да ги мобилизира.
Сирски го бранеше и украинскиот упад во руската Курска област, почнат во август 2024 година, кој заврши со повлекување на украинските сили следната пролет. Иако некои војници ја опишаа операцијата како катастрофална, тој инсистира дека таа била неопходност.
„Во летото 2024 година руските сили напредуваа по сите главни правци на фронтот со шестпати повеќе војници од нас“, рече тој објаснувајќи дека упадот ја нарушил руската офанзива, ја принудил Москва да пренасочи дел од своите сили и ѝ овозможил одмор на Украина за закрепнување на исцрпените бригади на истокот и на југот.
Генерал Сирски беше назначен на чело на украинската војска во 2024 година, а претходно се истакна со одбраната на Киев на почетокот на руската инвазија во 2022 година и со успешната контраофанзива на истокот на земјата во есента истата година.
октомври 13, 2026


